Преку волонтерска акција во Кичево за прв пат, на 21 декември 2015, беше изградена Еко-зелена куќичка за што беа искористени повеќе од 1.500 рециклирани пластични шишиња.
Куќичката во иднина ќе се користи за одгледување на цвеќиња и расад за да се зголеми зеленилото и еколошката свест во Општина Кичево.
Во рамки на волонтерската акција преку која е изградена Еко-зелената куќичка учествуваа 40 волонтери од повеќе младински невладини организации и од Извидничкиот одред ,,Мирко Милески”, каде и се наоѓа локацијата на Еко-зелената куќичка.
Оваа волонтерска акција беше спроведена од страна на Центарот за истражување и развој на општеството ВИЗИО во соработка со Младинскиот образовен форум, и е во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.
Акцијата е поттикната самоиницијативно од неформална група млади кои во својот град сакаат да започнат со внесување нови идеи за тоа како да ја подигнат јавната свест за практично и креативно искористување на јавните простори во заедницата, а притоа да обезбедат место кое ќе помогне во раззеленување на општината.