Волонтирањето е начин да се помогне на другите, но истовремено и самите ние имаме бенефит од истото. Ни дава можност да промениме нечиј живот, вклучувајки го и нашиот. Придонесува за подобрување на квалитетот на животот со активно вклучување на луѓето во општествениот живот.
За да дознаеме малку повеќе на оваа тема, разговаравме со проектниот менаџер во Волонтерски Центар Скопје, Андреј Наумовски и волонтерката Доротеа Грковиќ.
Наумовски споделува дека Волонтерскиот центар е отворено место како се реализираат идеи кои главно се базираат и прилагодуваат врз основа на потребите на младите луѓе, дали преку директен разговор со нив или истражувања на национално ниво.
„Додека волонтерите кои се дојдени од странство, исто така гледаат потреба, начин и можност каде што они можат да допринесат за македонското општество. Тука може да го споменеме и месечниот магазин на ВЦС, ‘Voices’, каде се дава целосна слобода на говор на младите, освен политика и говор на омраза. Може да се пишуваат статии, да се преведуваат истите или пак ако сте артист, дизајнер и слично. Волонтерскиот Центар Скопје – ВЦС, е невладина организација која се наоѓа во општина Кисела Вода. Постои речиси 16 години и е најголемата организација во Македонија која се занимава со Европскиот Солидарен Корпус и пред сѐ, со меѓународни волонтери. Целта на Волонтерски Центар Скопје е овозможување на програми и можности за младите кои што ќе можат да се подобрат на лично и професионално ниво, без разлика на нивната религиозна, етничка, сексуална и било што по кое може да најдеме начин за дискриминација“, вели тој.
Зборувајќи за тоа колкава е заинтересираноста кај младите да волонтираат, Наумовски смета дека најголем успех е самото чувство кога ќе се забележи некоја промена кај младите луѓе.
„Во меѓувреме, сѐ поголем е бројот на млади кои заминуваат на проекти од Европскиот Солидарен Корпус, всушност волонтирање во други земји во Европа. Волонтерскиот Центар исто така секогаш се обидува да достигне и до оние млади кои немаат многу информации или пак можност“, посочува тој.
Своето волонтерско искуство со нас го сподели и Доротеа Грковиќ, која волонтира три години, а се приклучила на Центарот преку пишување статии за списанието „Voices“ и учество на локални работилници и дискусии за развој на младите.
„Со тоа што сум волонтер во ВЦС ми го промени животот затоа што од срамежлива, тивка и анкзиозна личност станав слободоумна, дружељубива и вешта само што сум дел од оваа организација. Можам да се дадам себеси како пример дека ВЦС е место за растење, промена, дружење, создавање спомени и место за откривање на себеси. Има бескрајни можности и работи што можете да правите, од проекти и работилници, вежбање јазици со странски волонтери на VCS, но и забавни активности како караоке ноќи“, истакнува таа.
Наумовски се надоврзува дека забележителен е зголемениот интерес кај младите за менталното и физичкото здравје, особено по КОВИД-19, а дополнува дека младите се заинтересирани и за заштита на животната средина и одржливиот развој и претприемништвото.
„ВЦС се занимава и со младинска работа каде што младите имаат можност да го искористат својот целокупен потенцијал. Волонтирањето е исто така корисно за создавање нови пријателства, во некои делови придонесува и работно искуство, комуникациски вештини или едноставно подобрување на социјалното и општественото однесување. Секогаш може да направиме нешто подобро бидејќи секогаш треба да тргнеме од самите себе. Тешко е да чекаме некој да ни понуди можност, да бидеме дел од некоја активност и слично, затоа треба сами да тргнеме. Она што би го препорачал е дека самоиницијативноста и проактивноста се одлични особини за млад човек кои што можат многу да допринесат“, вели Наумовски.
Дополнително тој посочува дека сите заинтересирани млади можат да ја следи веб-страната на Волонтерски Центар Скопје како и социјалните медиуми.
„Во секое време може да не исконтактираат преку е-маил и да изразат начин на кој би сакале да се вклучат, за што се заинтересирани и на кој начин може да придонесат, секогаш се дава простор за реализација на тие идеи“, забележува Наумовски.
Кристина Николовска
*Оваа објава е дел од #МладинскиВесник – мини рубрика на Радио МОФ каде се објавуваат содржини од членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарката Теодора Цветковска.