„Развојот на волонтерството во Македонија сѐ уште се соочува со предизвици и не успева да го постигне својот потенцијал, ова не е вообичаена активност на граѓаните и во јавноста сѐ уште постои генерален недостаток на свест за користа од волонтирањето“ се вели во Стратегијата за промовирање и развој на волонтерството (2021-2025) на Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Оваа слика и понатаму се трудат да ја променат само одредени организации кои се базираат на волонтерство, со цел да може младите подобро да го сфатат и, со тоа, да го практикуваат волонтерството како вредност.
Преку државната Стратегија, како главна цел, е да се обезбеди постојан развој, промовирање и јакнење на волонтерското ангажирање и културата на волонтирање во Македонија, за што Владата усвои посебни мерки за спроведување.
Меѓутоа, според Златко Талевски, извршен директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Битола, не се знае што, кога и како од Стратегијата е спроведено, затоа што од самото нејзино донесување не се прави мониторинг на спроведувањето на активностите од акцискиот план. За ова има повеќе причини, но тој вели дека најважната е што нема нов состав на Националниот совет за промоција и развој на волонтерството, мешовите тело што врши надзор на Стратегијата.
„Ова тело требаше да биде законски регулирано со измени и дополнувања на Законот за волонтерство, но тие не беа поднесени до Собрание за усвојување. Како работен документ сѐ уште се во МТСП како надлежно министерство. Претпоставуваме дека во МТСП се прават годишни мониторинг извештаи за спроведување на Стратегијата, но колку што имаме информација, тие не се јавно достапни“, објаснува Талевски.
Тој вели дека волонтирањето се промовира само преку кампањи и активности на граѓанските организации кои работат со волонтери.
Позитивен пример во ова, според него, е општина Битола која вели дека дава институционална поддршка на волонтерството преку Локалниот совет за волонтерство, активната „Локална стратегија за развој на волонтерството (2023-2026)“, доделува волонтерски награди на секој 5 декември, меѓународниот ден на волонтерите и има посебен повик од општинскиот буџет за поддршка на волонтерски акции.
„За жал, оваа позитивна пракса не е реплицирана во други општини како што е предвидено со Стратегијата“, додава директорот.
Радио МОФ се обрати до ресорното министерство да прашаме што е спроведено од Стратегијата и на кој начин го промовираат волонтерствто и ваквата култура, но, до објавување на текстот не добивме повратен одговор.
Од друга страна, за важноста на волонтерството зборуваат од Црвен крст, една од водечките организации која се базира толкму на волонтерство. Тука младите луѓе преку разни активности можат не само да го „опипаат“, туку целосно да влезат во светот на волонтерството.
„Во секој град има општинска организација на Црвениот Крст во чии рамки постојат клубови каде доаѓаат и волонтираат млади луѓе кои се вклучуваат во традиционалните активности како крводарителски акции и стануваат мотиватори за крводарителство, едукатори по прва помош или врснички едукатори во училиштата, на факултетите кои зборуваат за преносливи болести, трговија со луѓе и се’ што е потребно да знаат младите“, вели Александра Ристовски, координатор на националната програма за регрутирање и задржување на волонтери „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности (ПХВ)“.
Оваа програма функционира 25 години и секоја година на ниво на цела земја преку неа се обучуваат 1.200 млади, односно 30 младинци од секоја општинска организација на возраст од 13 до 17 години.
Програмата трае 9 месеци со постојани тимски активности кои бараат излегување на терен, истражување, договарање и изнаоѓање начин како да се помогне некому преку изработка на мали проекти. Волонтерите прават околу 150-160 вакви проекти, меѓу кои реновирање училници, дел од здравствен дом, градење летна училница за млади во рурална средина, а исто така помагаат и на самохрани родители, семејства во ризик, бездомници и лица кои немаат нормални стандарди за живот како што е кров, машина за алашта или шпорет.
View this post on Instagram
„Кога младите луѓе ќе се вклучат во оваа програма, во оваа едукација, тие веднаш добиваат брза, експресна обука која им дава можност да излезат и да бидат на терен. Знаеме дека сега младите се динамични, проактивни, сакаат работите веднаш да се случуваат, па ние ги оставаме тие да бидат двигатели на нештата и да ги направат промените. Ги прашуваме нив што е тоа што треба да се направи“, објаснува таа.
Според неа, волонтирањето и програмата носат краткорочни промени кои им помагаат на целните групи, но носат долгорочни промени за самите луѓе кои стануваат волонтери и каде и да одат веќе во нив е вграден „вирусот“ на волонтирањето, па сакаат да работат во организации кои го нудат тоа.
„Кога ќе ги ставите младите во таков формат во кој гледаат гладен бездомник, самохрана мајка која нема како да најде сѐ што и е потребно за нејзиното дете, верувајте дека тука младите луѓе ја доживуваат таа себепромена“, поентира таа.
Меѓудругото, координаторката посочува дека се поразителни резултатите од истражувањата на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања кои покажуваат дека младите луѓе поминуваат од 6-8 часа на социјалните медиуми. Според неа, Црвениот крст и некои други организации и институции треба да направат системи во кои ќе им дадат можност на младите да бидат поактивни, да прават нешто добро, за себе и за својата заедница.
„Толку време поминато на социјалните медиуми не носи многу добро, ниту за нив, ниту за семејствата, ниту за целото општество. Да не навлегувам сега, тоа се други теми поврзани со депресија, анкциозност, булинг… Ние активно ги ангажираме, да доаѓаат и да промовираат хумани вредности, да излегуваат од својата комфортна зона, да бидат активни во заедницата и да прават работи кои не ги знаат за да станат подобра верзија од самите себе“, истакнува координаторката.
Дополнително, Црвениот Крст има и интеркултурни проекти каде волонтерите работат со млади од различни култури за да се запознаат меѓусебно, а на тој начин се гради заедница во која има мир, толеранција, соживот и почит помеѓу млади кои доаѓаат од различни култури. Исто така, во рамките на оваа организација се прави нов оддел кој ќе работи во цела држава за промовирање на зелениот волонтеризам кај младите.
Додека пак, за волонтирањето на младите од интернационален аспект, Горан Адамовски, Оперативен менаџер во „Центар за волонтерство“ на Македонија вели дека се зголемува свесноста, односно нивото на културата за волонтирање. Тие со години испраќаат луѓе на младински размени, на кроткорочно и долгорочно волонтирање.
„Има доста заинтересирани млади за волонтирање надвор од Македонија. Некои млади остануваат на она ‘не е платено, имам за учење’ и слично, меѓутоа во Европа, посебно во поразвиените земји, преовладува практиката да се земе ‘gap year’, помеѓу средно и факултет и да се види што понатаму. Странците кои доаѓаат тука, по волонтерското искуство сосема се свртуваат кон друга насока во животот. Ваквото искуство значително влијае и е важно за личен и професионален развој на младите луѓе“, раскажува тој.
View this post on Instagram
Според неговите информации, покривањето на трошоци за локално волонтирање по закон е околу 6 илјади денари, или 15% од годишната плата за покривање на трошоците како превоз и храна.
„Програмите на Еразмус+ со кои работиме ние комплетно ги покрива Европската комисија, а тоа се трошоците за сместување, патни трошоци и цепарлак (pocket and food money)“, додава Адамовски.
Тој наведува и дека имаат локални волонтери кои им се приклучуваат на сите акции кои ги прават и доаѓаат да се дружат, да ги запознаат странците и да ги прашаат што ги мотивирало да дојдат тука. Едноставно, има млади кои сакаат да запознаат други култури.
Ангела Петкова