Одлуката за изградба на две нови факултетски згради во универзитетскиот кампус на УКИМ, сепак ќе биде тема за расправа на вонредна седница на Сенатот. Дел од членовите на највисокото универзитетско тело, на денешната средба во Ректоратот побарале транспарентност на целиот процес.
„Вонредна седница ќе има, за да се дискутираат сите противречни теми кои се наметнаа во изминатиов период. Но, Ректорот си зеде за право да го одреди датумот дополнително. Јас лично инсистирав веднаш да го одредиме датумот и времето на одржување, но тој рече дека мора да погледне во агендата и дека ќе ја закаже седницата во најкус можен рок“, изјави професорката Маја Бојаџиевска од Професорскиот пленум.
Пред да започне средбата, професори собираа потписи за подршка на иницијативата за вонредна седница, на која својот потпис го ставија третина од членовите на Сенатот. Претходно, Пленумот и јавно го упатија ова барање до нив. Но, седницата се одвиваше два часа зад затворени врати, иако претставници на Студентскиот и Професорскиот пленум побараа да бидат присутни.
Според професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет, донесувањето на одлуката за изградба на два факултети во барок стил како дел од кампусот на УКИМ и притоа без да се одржи каква било дебата, е кршење на универзитетската автономија.
„Јас сум сведок на настаните и целата процедура. Дури ни од далеку не е транспарентна и е убедливо кршење на автономијата на универзитетот. Цело време бевме со дезинформации и со некои квази одлуки“, смета Кајалџиев.
На ова се спротивстави неговиот колега професор од Факултетот за информатички науки Маријан Агушев, кој рече дека не е потребна вонредна седница, бидејќи целата постапка била јавна и транспарентна.
„Дозволена е градба за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура и досега постапката е целосно транспарентна и завршена. Првата одлука е некаде ноември или декември 2013 година. Следно, се дискутираше на почетокот на 2014 и повторно во 2015 година“, рече Агушев.
Професорите од Пленумот бараат на вонредната седница да добијат одговори на прашањата за тоа кој ги исече дрвјата, зошто беше повикана специјална полиција и да се откријат повеќе детали околу градежните работи. Дотогаш, градежните работи во дворот на УКИМ ќе продолжат да се спроведуваат.