Тропскиот циклон Ели донесе обилен дожд во западниот дел на Австралија, покривајќи површина речиси три пати поголема од Обединетото Кралство. Меѓу најтешко погодените локации е Фицрој Кросинг, град со 1.300 жители, каде неопходните залихи биле транспортирани со хеликоптери бидејќи поради поплавите бил отсечен од другите градови во регионот.
Заедниците во Кимберли во Западна Австралија се опоравуваат од најголемите поплави во историјата на државата, кои предизвикаа хаос во регионот.
Реката Фицрој достигна пик од 15,81 метри, околу 1,8 метри над претходниот рекорд. Итна евакуација продолжи во четвртокот, бидејќи поплавата од Фицрој ја погоди малата Нунканба. Хеликоптери ги извлекуваа вознемирените жители од додека траеше евакуацијата, при што три авиони на австралиските одбранбени сили помагаа во воздушниот пренос.
Western #Australia suffers unprecedented flooding. #Fitzroy River at 15.8m, 1.8m above previous records. Flow rate at 60,000m3/sec more than twice of normal flood. Just the latest example of #GlobalWarming worsening weather extremes. #ClimateEmergency #KimberleyFloods pic.twitter.com/VKDtLVfVvo
— Richard (@ClimateConnex) January 6, 2023
Австралискиот премиер Ентони Албанес изјави дека неговата влада е подготвена да обезбеди помош, посочувајќи дека „конструктивно соработува“ со властите во Западна Австралија на санација на последиците во регионот со мала густина на населеност.
„Овие поплави имаат разорувачки ефект врз многу од заедниците што живеат овде и тешко ќе се справат со ова, а нема доволно ресурси“, рече премиерот пред новинарите во Џилонг, Викторија. „Мојата влада стои на располагање, подготвена е да обезбеди каква било помош што е потребна“, додаде тој.
Според информациите од државните служби на Западна Австралија, националните одбранбени сили им помагаат на жителите погодени од поплавите и користат хеликоптери за да ги однесат на побезбедни места. Австралискиот Метеоролошки завод извести дека на континентот повеќе нема лоши временски услови, но „продолжува да ја следи ситуацијата и ќе издаде дополнителни предупредувања доколку е потребно“.
Вонредната состојба во северозападниот дел на земјата доаѓа по честите поплави во источна Австралија во последните две години. Некои региони од минатата година претрпеа четири големи кризи со поплави предизвикани од обилните врнежи.