Целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште денеска воведе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) по барање на ЈП „Национални шуми“ поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.
Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште се воведува на територијата со која стопанисува јавното претпријатие. Забраната започнува денеска и ќе трае се до денот на нејзиното отповикување, во терминот од 6 до 20 часот.
„Целосната забрана за движење во шумите ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален. Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“, за подрачјето со кое управуваат“, велат од „Национални шуми“.
За непочитување на забраната за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица кои ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно членот 106 од Законот за шумите, како што велат оттаму, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.
Инаку, забраната не се однесува на Водно и на националните паркови, бидејќи тие подрачја не се под надлежност на „Национални шуми“.
ЦУК: Активни се девет пожари, во изминатото деноноќие имаше 26 пожари на отворено
*Во обновениот текст е појаснето дека забраната не се однесува на Водно и на националните паркови.