Воздухот во Велика Британија, Франција и на југот на Европа е сè позагаден додека делови од континентот се погодени од рекордни температури и разорни шумски пожари, пренесува Ал Џазира Балканс.
Научниците од Европската служба за мониторинг на атмосферата Коперник (ЦАМС) предупредија на штетните нивоа на загадувањето со озон низ јужна и западна Европа што може да влијае и на северозападните региони.
Светската здравствена организација (СЗО) постави граница од 100 микрограми озон на квадратен метар на површината на Земјата. Југозападна Англија, северна Франција и земјите од Бенелукс имаат дневни концентрации од повеќе од 120 микрограми.
„Влијанието на овој топлотен бран врз квалитетот на воздухот не е занемарлив“, рече научникот од ЦАМС, Марк Парингтон.
Загадувањето со озон се јавува во реакција на топлина и сончева светлина со стакленички гасови како што се азот оксид, јаглерод моноксид и штетни органски соединенија создадени со согорување на фосилни горива.
За време на високи температури, производството на озон се зголемува, бидејќи овие хемиски реакции се случуваат побрзо, рече Парингтон.
Научниците предупредуваат дека загадувањето со озон ќе се зголеми со климатските промени.
Глобалните температури сега се за 1.2 степени Целзиусови повисоки од прединдустриските нивоа, а топлотните бранови се почести и поинтензивни.
Нивото на озон на површината на земјата ги влошува респираторните и кардиоваскуларните заболувања и е поврзано со зголемена стапка на морталитет.
Долгорочната изложеност на тие нивоа е одговорна за околу 55.000 предвремени смртни случаи во Европа, според студија од 2019 година објавена во списанието „Environmental Research Letters“.
Истражувањето покажа дека смртноста поврзана со озонот може да се зголеми за 11 отсто до 2050 година во некои земји од централна и јужна Европа. Но, доколку се намалат емисиите на стакленички гасови, се очекува дека таа треба да падне.