„Вознемирена земја“ во коавторство на режисерката Кумјана Новакова се квалификуваше за „Оскар“

„Вознемирена земја“ (Disturbed earth), документарен филм кој ги обработува случувањата во Сребреница, а е во режија македонско-шпанското дуо Кумјана Новакова и Гиљермо Карерас – Канди, се квалификуваше за „Оскар“ во категоријата за долгометражен документарен филм.

Академијата за филмски уметности и науки во САД ја објави листата на филмови кои се квалификуваа за 95. издание на престижната награда.

Станува збор за филм со шпанско-македонско-босанска копродукција, а се квалификуваше за „Оскар“ со освојувањето на Големата награда (Grand Prize) на 14. издание на фестивалот на документарен ДМЗ Докс (DMZ Docs), што се одржува во Кореја.

„Простор во тишина, каде што минатото ја има заробено сегашноста. Слој по слој, колективната болка навјасува, навлегува во пејзажот, просторот, градот. Во еден миг продира и во нас. Сребреница станува реалност на денешницата и наша лична реалност“, гласеше краткиот опис на филмот кој годинава се прикажуваше на „МакеДокс“.

На фестивалот, „Вознемирена земја“ доби и Специјално признание „Кромид“ за најдобар интернационален долгометражен креативен документарен филм.

„Филмот претставува поетски есеј за еден ’пејзаж на вината‘. Овој филм создава едно кинематографско искуство на тишина и време, на трауматично минато кое едвај се крие во сегашноста“, гласеше образложението.