Десетици работници од Фабриката за шински возила Велес „Колска“ денеска го блокираа железничкиот сообраќај кај железничката станица во Велес, запирајќи го сообраќајот на линиите Велес – Скопје, Гевгелија – Скопје и Скопје – Битола. Работниците се решија за ваков потег бидејќи не им било дозволено без билет да патуваат на линијата за Скопје, каде денеска требаше да одржат протест.
Претседателот на фабричкиот синдикат на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Тони Арсовски за Радио МОФ рече дека работниците немаат средства да платат билет, бидејќи фирмата во која работат, а која одржува дел од железничката инфраструктура во земјата има блокирана сметка. Со тоа се блокирани и парите од плаќањето членарина на синдикалната сметка.
„Само ни кажаа уште кога излегоа кондуктерите, ‘Колска од Велес’ не се качувајте, возот нема да тргне, без да платите карти, а ние им кажавме, единствена шанса да платиме карти, преку фирмата, со профактура да пуштат и таа пошто е блокирана сметката, кога ќе се земе плата…“, вели Арсовски.
Информацијата за застојот во железничкиот сообраќај за Радио МОФ ја потврдија и од Македонски железници. Оттаму велат дека возот на релација Гевгелија – Скопје бил блокиран во периодот од 6:32 до 9:01 часот, возот на релација Скопје – Битола од 7:59 до 9:05 часот, додека возот на релација Табановце – Гевгелија од 7:24 до 9:02 часот.
„Причината за тој застој беше поради тоа што група од околу 70 вработени од Фабриката за шински возила Велес, насилно, без билети, влегла во возот број 630, со цел бесплатно да патуваат за Скопје. Поради тоа возот не го продолжи патувањето за Скопје до 09.01 часот. Проблемот беше надминат согласно ‘Законот за договорите за превоз во железничкиот сообраќај’ каде што во членовите 7 и 9 се точно наведени условите и правилата за превоз на патници“, велат од Македонски железници.
Во меѓувреме пак, претседателот на фабричкиот синдикат Арсовски објаснува дека претходно имале и слободни карти за железнички транспорт, но со години веќе го немаат тоа право, иако, како што вели, 90% од нивната работа е за Македонски железници.
Тој објаснува дека протестот пред Владата во Скопје требало да се одржи денеска, а истовремено таму сакале да остварат и средба со надлежните, откако во петокот се сретнале во Министерството за транспорт и врски каде побарале состанок во поширок состав. Тие бараат да се одблокира сметката на фабриката, односно да се стави долгот на фабриката во мирување
„Имаме солидна наплата од некои цистерни кои што им ги работевме сега пред малку, значи имаме солидно за земање пари, со тие пари да си купиме репроматеријали за тие коли што сега ни се нудат и ни се донесени во фабриката, да може да ги сервисираме, и со тоа да си земаме плата во овој кризен период сега што се најавува“, објаснува Арсовски.
Второто нивно барање е да се најде модел да ги решат проблемите со фирмата, можеби на начин со припојување на фирмата со Македонски железници транспорт, а во меѓувреме, вели, ќе им остават време на надлежните да донесат одлука.
„Ќе оставиме простор до нова година и натака, затоа што нешто ни нагласија дека ако дојде за припојување, мора закон за железница да се менува, еве во ред, оставаме простор да биде така, ама еве појдовно, од наша страна има расположение и за разговор и за се, ама од другава страна некако ништо“, вели Арсовски.
Моментално, тој тврди дека фабриката има доволно работа, но дека немаат средства за репроматеријали, поради блокираната сметка.
„И не може да им ги сервисираме колите, а тука се во прашање некои цистерни што во оваа ситуација ќе им требаат, во прашање се некои други вагони кои пренесуваат јаглен, знаеме со ситуацијата сега со струјата како е, значи ќе им требаат и тие, епа сега ако им се исплати, ако сакаат одлив на девизи и други буџети да се полнат странски, нека ја затворат и нека ни кажат, да не се мачиме веќе“, вели Арсовски.
Претседателот на фабричкиот синдикат тврди дека од 2001 година па досега во фабриката не е примен ниту еден нов работник, а од 300 вработени во тоа време, моментално во фабриката работат само 74 луѓе.
„Дваесет години сме под штрајкови, бараме да се реши статусот, да влеземе под Македонски железници транспорт, подружница, или како сакаат нека ја крстат, да имаме некоја сигурност. И сведоци сме наназад последниве години, кога ние и да побараме нешто такво, во меѓувреме, контра од сето ова, на големо има примања во Македонски железници, во транспорт, во инфраструктура. Значи има непродуктивни примања, тоа го знаат сите, арно ама ние не можеме ништо со тоа. И сега ние останавме 70-тина души и бараме еве вака чаре да се реши ситуација, луѓето ни сè накај 60 години, без разлика кој пред пензија, ваму таму, за неколку години ќе останеме 30-тина. Ако се сака, ако има добра волја од Влада многу лесно може да се реши нашиот проблем“, потенцира тој.
Синдикалците уште немаат план како ќе постапат понатаму, иако размислуваат да најдат начин, за деновиве да одржат протест пред Влада и да добијат одговор од надлежните за нивните прашања и проблеми.
Мартин Колоски