Денеска од 12:30 часот вработените во Филхармонија на Северна Македонија ќе протестираат пред Министерството за култура поради одлуката на властите Национална институција Џез оркестар на РСМ привремено да биде сместена во објектот на Филхармонија.
Од синдикалната организација на Филхармонија велат дека Министерството ја донело оваа одлука без никаква консултација со нивната институција, тајно и без поширока дебата.
„Изминативе недели, нашиот глас, за жал не допре ниту до Министерството за култура, ниту, пак оттаму покажаа елементарно разбирање за суштинските проблеми кои ќе настанат доколку оваа одлука остане непроменета. Иако дел од стручната и пошироката јавност укажаа на последиците од носењето на оваа одлука, Министерството за култура до сега, не појави интерес за решавање на проблемот. Бидејќи неправедно сме ставени во ситуација да се браниме од оние кои треба да ја заштитат нашата културна институција – најстара во земјава, одлучивме нашето незадоволство да го изразиме преку мирни протести кои ќе се одржуваат дo конечната промена на оваа одлука“, велат од синдикалната организација на Филхармонија.
Незадоволството на вработените во Филхармонија започна кон крајот на март, кога се појави информацијата дека новоформираниот Национален џез оркестар, пробите и концертите привремено ќе ги одржува во нивниот објект. Тие тврдат дека не е возможно во објектот на Филхармонија паралелно да работат две институции.
Од Здружението на џез музичари, пак, одговорија дека ставовите на вработените во Филхармонија се неоправдани и неприфатливи и според нив постои можност овие две музички институции да соработуваат и функционираат заедно. Тие дополнително тврдат и дека нивната работа нема да попречи работењето на оркестарот на Филхармонија.