„3000 вработени во култура сè уште немаат добиено плата за месец март“, изјави претседателката на Синдикатот на културните работници, Вера Атанасовска на денешната прес конференција.
Покрај незадоволството за задоцнетата плата, Синдикатот на културата поддржан од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) побараа и усогласување на платата која според колективните договори треба да е зголемена за 12%. Во спротивно синдикатите најавија и протести.
„И денес на 18 април плата за месец март се уште нема. Сите добро знаеме дека секогаш кога се спроведуваат колективни договори и кога се даваат финансиски ветувања истите треба да бидат усогласени со Министерството за финансии. Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии за сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата“, изјави Вера Атанасовска и додаде дека за неколку дена три илјади вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување.
Според неа, ова не само што ја загрозува егзистенцијата на оние кои се посветени на уметноста и културата, туку го поткопува и интегритетот на сите културни институции.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов во своето обраќање ја повика министерката за култура да направи максимални напори за вработените до крајот на денот да ги добијат платите.
„Пред две недели бевме тука и слушнавме дека министерката за култура дава целосна поддршка и го зборува тоа што го зборува и синдикатот – платите во културата растат за 12 проценти. За жал, две недели подоцна тоа се уште се нема случено и ние сме загрижени дека мерењето на политичката сила на грбот на овие работници е неприфатливо и не смее да се случи во едно демократско општество. Се разбира дека ССМ во изминатиот период покажа дека нема да молчиме и покрај сите притисоци што ги добиваме и ние во ССМ, меѓутоа и синдикатите“, додаде Слободан Трендафилов.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков пак, рече дека СОНК нема да дозволи исплата на плата спротивно на Колективниот договор
„Иако министерката излезе и кажа дека ќе нема проблем со платите, во дејноста култура сепак има проблем за исплата на мартовските плати. Проблемот датира уште од октомври лани за септемвриската плата, кога вработените во културата добија решенија за плата со ограничена важечка вредност. Тоа значеше дека до март ќе важат тие решенија, од март ќе се применува систематизацијата минимална плата по коефициент, не сметајќи ги во меѓувреме зголемувањето на платите за 10 проценти по основ на Општ колективен договор. Тоа ни беше јасен сигнал што може да се случи во април за мартовската плата и, еве, навистина, нашата загриженост и реакции беа оправдани во однос на тоа што Министерството за култура на чело со министерката за култура имаа план, стратегија и цел платите наместо 12,55% да се зголемат само за 2,5%“, изјави Неделков.
Инаку, како што информираше Претседателката на Синдикатот на културните работници, Вера Атанасовска за попладнево закажан е состанок со Министерството за финансии.
Симона Паскоска