Вработените во Мeдиумската информативна агенција (МИА) утре излегуваат на предупредувачки протест со барање за зголемување на платите, соопштија од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Предупредувачкиот протест ќе се одржи пред просториите на АД МИА со почеток во 11 часот, во траење од половина час, за време на паузата.
Протестот се организира со поддршка на ССНМ и Синдикатот на медиумски информативни агенции (СМИА).
„Новинарите и медиумските работници од МИА веќе подолго време бараат покачување на нивните плати, согласно Колективниот договор и усогласување со трошоците за живот, но Владата досега не најде за сходно да одобри зголемување на платите во овој државен медиум. Предупредувачките протести ќе продолжат и во наредните денови, а во случај тие да не резултираат со разбирање и прифаќање на барањата на вработените, ќе бидат преземени и порадикални чекори“, велат од ССНМ.
Оттаму ги повикаа сите вработени во АД МИА да се приклучат кон протестот.
„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници дава безрезервна поддршка на своите членови и на сите вработени новинари и медиумски работници во МИА и потсетува дека основен предуслов за слободно и професионално новинарство е стабилна социо-економска состојба на новинарите и медиумските работници“, додаваат од ССНМ.