По вчерашниот прв протест, голем дел од вработените во Медиумската информативна агенција денеска одново, во време на паузата, излегоа на нов предупредувачки протест пред просториите на Агенцијата.
Вработените од МИА до Владата имаат адресирано неколку барања, а најургентно е тоа за зголемување на платите за 30 проценти, што е за 2,5 пати помалку од 78-те проценти колку што изнесуваше последното зголемување на платата на функционерите.
„Додека за другите барања се потребни системски решенија, барањето за зголемување на платите е најлесно за решавање и треба само да се стави на дневен ред на седница на Владата“, велат вработените во МИА.
Протестот е поддржан од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од каде велат дека слободата на медиумите и слободата на говорот, па дури и борбата против дезинформации се невозможни ако новинарите и медиумските работници имаат потпросечни плати, а според официјални податоци просечната нето плата во мај 2023 година изнесуваше 36.465 денари додека платите на новинарите и медиумските работници во МИА се за повеќе од 6.000 денари помали од просекот.
Од ССНМ информираат дека протестот на вработените во Медиумската информативна агенција ќе продолжи и во следните денови, се` до исполнување на барањата, а додаваат дека можна е и радикализација на изразување на револтот.