Илјадници вработени во државните институции, управите и судовите денеска од 10 до 12 часот ја прекинаа работата и излегоа на штрајк поради незадоволство бидејќи голем дел од вработените во управата и правосудството не ја добиле зголемената минимална плата за месец март.
Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и граѓанските организации (УПОЗ), Трпе Деаноски од пред Агенцијата за катастар ги повтори барањата за покачување на платите и нивно усогласување со новата минимална плата.
„Не бараме многу. Линеарно зголемување на платите за сите вработени од 2.806 денари, исплата на минимална плата по закон, а потоа корекција на сите други што треба да добијат плата над минималната. Ситуацијата е неодржлива. Сите овие вработени кои ги гледате зад нас повторно добија под минималната плата“, рече тој.
Деаноски посочи дека вработените во управата години наназад немаат добиено никакво зголемување на платите.
„Секоја година просечната плата расте од 3 до 5%. Минималната плата порасна 120 проценти во рок од 10 години. Ние немаме добиено ништо. Помлад соработник во 2012 година имал плата од 20.000 денари, а во 2022 година од 22.000 денари. Зголемување од 9,8 проценти. Вработените не се задоволни од ситуацијата“, додава Деаноски.
Тој напомена дека денеска протестираат вработените во сите институции каде УПОЗ има свои синдикални организации.
Деаноски посочи дека одредени синдикални организации имале притисоци и дека во дел од институциите вработените штрајкуваат на своите работни места, бидејќи не им било дозволено да излезат пред објектите.
Вработените во управата и правосудството ќе штрајкуваат во истиот период и утре. Деаноски информираше дека после двата дена на искажување незадоволство повторно ќе дискутираат со членовите на Синдикатот и ќе донесат одлуки како ќе постапуваат во иднина.