Ако само пред една деценија бројот на Ромите кои се запишуваат на факултет беше навистина мал, денес нештата полека, но сигурно се менуваат. Бројот на дипломирани Роми студенти расте, но вработувањето останува најголем проблем со кој се соочуваат по дипломирањето.
Јавна тајна е дека многумина земаат партиска книшка за државно вработување. Тоа не е во ред, вели Лолита Хасани, која неодамна дипломираше на Правниот факултет. Таа како и сите останатите млади луѓе има свои желби и амбиции. Сака да стане адвокат и експерт за човекови права како и пратеник во Собранието каде што ќе ги претставува Ромите и ќе се бори за нивните права.
Дека државната работа е прв избор за дипломираните Роми, зборува и Наташа Давчева од Ромаверзитас. Таа посочува дека од 84 студенти кои поминале низ нивните програми најголем дел бараат работа во државните институции. Бројот на вработени дипломирано Роми во приватниот сектор е загрижувачки многу мал.
Сепак појаснуваат од Ромаверзитас, полека но сигурно се менува изборот на студии кај младите Роми. Ако, до пред некоја година беше тренд Ромите да учат за наставници, социјални работници или правници сега тие се почесто го бираат техничкиот, економскиот и филолошкиот факултет. Високото образование е прв чекор кон успехот децидна е Лолита Хасани.
Само во 2011 дипломирале 22 студенти Роми. Бројката е подобра од онаа од пред една деценија, но далеку од задоволувачка велат од Ромаверзитас. Од 2001 година , кога почна со реализирање на програмата, 84 студенти го завршија високото образование. Меѓунив и Лолита Хасани, која се надева дека овие академски граѓани ќе го заземат своето вистинско место во општеството.
Сунаи Сабриоски