Пред шест години, кога официјалните лица на холандскиот колеџ „Калвијн“ почнаа да размислуваат дали да ги забранат мобилните телефони во нивното училиште, идејата ги вознемири учениците.
„Бевме прашувани дали мислиме дека живееме во 1800-те години“, вели Јан Бакер, директор на улилиштето каде учат деца од 12 до 18 години.
Додека повеќето ја поддржаа идејата, речиси 20% од родителите, наставниците и ученици кои беа анкетирани се изјаснија против идејата. Некои од родителите беа загрижени дека ќе не можат да ги контактираат своите деца, додека наставниците аргументираа дека би било подобро да се прифатат новите технологии отколку да се избегнуваат.
Сепак, училиштето продолжи да ја турка напред идејата.
„Одејќи низ коридорите во школото гледавме како сите деца се на своите смартфони. Имаше недостаток на разговор, масите за пинг-понг беа празни. Буквално почнавме да ја губиме социјалната култура“, вели Бакер.
Четири години откако колеџот „Калвијн“ стана едно од првите училишта во Холандија што забранува смартфони, не останува единствениот. Како што учениците се враќаат во училишните клупи низ Европскиот континент, растечки број од нив ќе бидат принудени да ги остават своите мобилни телефони додека се во училиште.
200 основни училиште во Франција тестираат модел на забрана за користење на мобилните телефони, додека училиштата во француските говорни подрачја во Валонија и Брисел, Белгија направија чекор напред со воведување на забрана. Во Унгарија, на почетокот на оваа учебна година, Владата издаде наредба со која се бара телефоните да им бидат одземени на учениците на почетокот од школскиот ден.
Италија и Грција усвоија поблаги мерки, што им дозволуваат на учениците да ги носат своите мобилни телефони со нив, но не смеат да ги користат за време на часовите.
За вработените во колеџот „Калвијн“, големата плима на промени што се случува во Европа е возбудлива. Од моментот кога тие започнаа да бараат од нивните ученици или да ги остават своите смартфони дома или да ги заклучат во шкаф во текот на училишниот ден, сведочеа како се менува социјалната култура во колеџот.
„Буквално, го повративме она што го изгубивме. Учениците си играат едни со други и разговараат меѓу себе. Исто така, има многу помалку прекини за време на часовите“, истакнува директорот на училиштето.
Во Македонија, битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ на почетокот на минатата учебна година ги забрани мобилните телефони за време на часовите.
„Секако дека за време на одморите можат да се користат. Вниманието и вклучувањето во часот се приоритет. Со оваа одлука се надеваме и очекуваме да се подобри вниманието и концентрацијата на часот, да се подобри училишниот успех на учениците но и да се намали употребата и зрачењето на мобилните телефони во секојдневието“, напишаа од гимназијата користејќи го хаштагот #ЧасБезМобилниТелефони.
За другите градови, засега, постојат само поединечни протоколи за телефони по некои школи и општини, додека унифициран протокол за цела држава е во фаза на изработка.