Кога Ана Карин Елф пристигнала на нејзиното работно место во Гетеборг, сфатила дека нешто не е во ред. Таа работи во библиотека и кога пристигнала била пречекана од неколку посетители. Сепак, проблемот бил тоа што библиотеката требало да биде затворена.
„Луѓето во библиотеката се однесуваа вообичаено. Многу од нив читаа весници, додека некои семејства беа во детскиот оддел, а други бараа книги на компјутерите“, вели Карин Елф.
Библиотеката требало да биде затворена поради празник, но вработените заборавиле да ја затворат вратата. Па, така, некои луѓе влегле мислејќи дека библиотеката работи, дел од нив сфатиле дека установата е затворена и заминале дома, но други останале.
Кога Карин Елф ги забележала луѓето телефонирала до нејзиниот менаџер и колегите, а потоа им соопштила на посетителите дека библиотеката е затворена. Луѓето ги оставиле книгите и го напуштиле објектот, но дел од луѓето заминале заедно со книги.
Тој ден библиотеката ја посетиле 446 луѓе, а биле позајмени вкупно 246 книги. До денес сите овие книги биле уредно вратени назад.
Градската библиотека на социјалните мрежи објави порака во која им се заблагодаруваат на сите посетители за културната посета.
„Ви благодариме за саботата драг Гетеборг“, стои во објавата на Инстаграм.
„Добро е чувството кога знаете дека сите се однесувале точно онака како што е вообичаено. Позајмиле книги, читале весници и слично. Граѓаните на Гетеборг се грижат за нивната библиотека. Очигледно постои желба да се биде таму“, изјавила за локалните медиуми Арвид Јадениус, една од посетителите на библиотеката.