Омер Шабан е прва година во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ во Скопје. Поради вонредната состојба која настава со појавата на Ковид-19 во земјава, тој деновите ги минува следејќи онлајн настава и вежбајќи на својот кларинет.
„Сега имаме часови на апликацијата „Зум“ кои траат по 40 минути. Професорите ни задаваат задачи кои треба да ги направиме на „Ворд“ и не оценуваат“, вели младиот Шабан.
Тој пред повеќе од две години заедно со уште неколку свои врсници од основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари го формираа бендот „Roma Rock School“, кој се уште е активен, но поради вонредната состојба, пробите се префрлија во домовите.
Вонредната состојба ги помати плановите и нормалното фукнционирање и на Сибел Бајрам, наставничка по англиски јазик во ООУ „26 Јули“ во Скопје и претседателка на неодамна формираното здружението на жени Ромки „Лачо Диве“.
„Ние како наставници сме пред еден голем предизвик, бидејќи треба секојдневно, неуморно да ги едуцираме децата преку онлајн настава, да ги известуваме за актуелната ситуација и за тоа како нашите ученици да се заштитат пренесувајќи им ги препораките и советите наменети за нив, меѓутоа и за нивните семејства од страна на Светската здравствена организација и Министерството за здравство на РСМ“, вели таа.
Нејзините ученици и нивните родители се посветени во следењето на наставата онлајн и редовно ги извршуваат своите обврски, забележува Бајрам. Сепак, некои семејства и понатаму се соочуваат со технички пречки.
„Од друга страна, ова е голем предизвик за сите нас, бидејќи имаме и семејства коишто сè уште немаат пристап до интернет поради тоа што тие периодот се во борба за опстанок и обезбедување на основни егзистенционални потреби за живот и реално е дека тие нема да бидат во можност да им обезбедат интернет пристап во домовите на нивните деца. Државата има многу работа периодот, иако за поздравување се досегашните напори и иницијативи, меѓутоа никако да не се заборават овие лица кои се/или не се приматели на социјална помош и да се изнајде начин да се помогне и да се справат и тие безбедно со Ковид-19“, посочи Бајрам.
Продолжува системската дискриминација врз Ромите во сите општествени сфери
Светскиот ден на Ромите, 8 април, секоја година потсетува дека стигмата, предизвиците, дискриминацијата и маргинализираноста врз овие луѓе, сè уште се присутни.
Младиот Шабан забележува дека најголем проблем меѓу ромската младина останува отсуството од настава уште во основното образование. Бајрам, од друга страна, се радува што има голем број на едуцирани и професионалци Роми и Ромки кои се успешни, просперитетни и конкурентни на пазарот на трудот во земјата.
„Образованието секако го прави своето и Ромите се свесни за оваа ситуација и се борат за добивање на своите права и слобода. Ромите веќе навистина многу придонесуваат во македонското општество и време е државата да нè прифати како професионалци и ништо помалку и треба да не вклучува многу повеќе во процесите на носење закони, креирање политика за добробитта на општеството како едно во целина. Вреднувањето на знаењето, моќта, желбата, подобрувањето и освестување на една заедница за менување на негативните наративи кои ги има кон неа е веќе на високо ниво и ние се бориме за нивна промена со вложување во нашето ообразование, продуцурање на различни профили на кадри и растење на деца со вредности и отворени погледи кон светот и луѓето“, смета Бајрам.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права забележуваат дека се уште постои сегрегација на децата Роми во образованието.
„Дискриминацијата врз основа на етничка припадност, боја на кожа и маргинализирана група е длабоко вкоренета во општеството и државата не успева да преземе активни мерки за нејзино спречување“, велат од Хелсиншки.
„Во ноември 2019 година Хелсиншкиот комитет, заедно со уште четири организации од Мрежата за заштита на права на Ромите, достави поднесок до Специјалниот известувач за малцински прашања на Обединетите нации, во кој го информираше за три клучни проблеми околу употребата на ромскиот јазик во образованието. Трите точки остануваат еднакво релевантни и во овој момент, проблемот со недоволна промоција и информираност на учениците и родителите за можноста да се избере ромскиот јазик и култура како изборен предмет во основно образование, недостатокот на учебници по предметот ромски јазик и култура за 6 – 9 одделение и недостатокот на катедри по ромски јазик и професори по ромски јазик“, образложија од Комитетот за човекови права.
Покрај ова, забележуваат дека нема промена и подобрување ниту во имплементирање на активностите од важечката Стратегија за Ромите, која се наоѓа во последната година од својата важност. Покрај ова, вонредната состојба поради пандемијата на Ковид-19 дополнително ја загрозува ромската етничка заедница.
„Во изминатата година, кон Ромите беше регистрирана системска дискриминација, особено во непристапноста кон јавните услуги и добра, како што се на пример случаите на недозволување пристап на Ромите во пливачките базени. Ромите се соочуваат со нееднаков пристап и третман, а се уште постои дискриминација и во однос на здравствени услуги и здравствената заштита“, велат од Хелсиншки.
Тие бараат од институциите и Владата специфични мерки за помош и солидарност со Ромската заедница.
Светскиот ден на Ромите се одбележува во чест на првиот Светски конгрес на Ромите, одржан од 8-12 април 1971 година во Лондон, кога се сретнале претставници на Ромите од 14 земји во светот.
„Како една од најважните усвоени одлуки се: одлуката за ромско знаме и официјална химна. Ромското знаме во долниот дел има зелена боја која ја симболизира земјата, а горниот дел е обоен со сина боја која го симболизира небото. Црвеното тркало кое се наоѓа во средина на знамето ги претставува патувањата и миграциите на Ромите“, потсетува Бајрам.
Првиот конгрес на Ромите во Лондон резултираше и со прогласување на официјален ромски јазик, како и официјално прифаќање на називот „Ром“ што на ромски значи човек, истакна таа.
Младиот Шабан, денеска се чувствува особено горд на себе.
„Треба да го почитуваме ова што го имаме, треба да ја подобриме иднината на Ромите и да не нè дискриминираат повеќе“, гласи неговата порака.
Наставничката Бајрам, пак, Светскиот ден на Ромите им го честита и на они кои и покрај нивната различна етничка припадност, даваат поддршка и се нивни пријатели.
„Нека ни е честит „Меѓународниот ден на Ромите“. Нека секоја наредна година биде поуспешна, поинтегрирачка, со повеќе можности и услови за младите надежи на ромската заедница“, посака таа.
Емилија Петреска