Затворската драма на Би-Би-Си „Време“ (Time) е големиот победник на телевизиските награди БАФТА 2022.
Серијата победи во категориите за најдобра мини-серија и најдобар актер, за глумата на Шон Бин, на синоќешната церемонија на која во фокусот беа општествени теми.
Наградата за најдобра мини серија ја прими Стивен Грем, кој ја пофали одличната актерска екипа на „млади луѓе од работничката класа“, додавајќи дека уште како дете сонувал да работи на приказни со социјален коментар.
Наградата за најдобра серија-драма, како и за најдобро сценарио припадна на црната комедија „Во моја кожа“ (In My Skin), во која се раскажува приказната на 16 годишна ученичка која се справува со анксиозност и несигурности во својот тинејџерски живот. Две награди освои и серијата „Помош“ (Help), во која дејството се одвива во дом за стари лица за време на пандемијата со Ковид-19. Џоди Комер ја доби наградата за својата улога на негувателка во домот за стари лица, додека Кејти Тајсон ја доби наградата за најдобра споредна актерка.
Во категоријата за најдобар спореден актер победи Метју Мекфејден, за својата улога во серијата „Наследство“ (Succession).
Во категоријата за најдобра странска ТВ серија победи „Подземна железница“ (Underground Railroad), адаптација на романот на Колон Вајтхед за бегство од ропството, кој доби Пулицерова награда.
Вчерашната церемонија во Лондон е прва која се одвиваше со физичко присуство од 2019 година. Телевизиски награди ги доделува Британската академија за телевизиски и филмски уметности.
Целосната листа на победниците и номинираните по категории може да ја погледнете ТУКА.