Солидно за Password продукција, го видовме и слушнавме Van Dyk на „Аква парк фест“, па решивме да ја слушнеме во живо и сет-листата на Ferry Corsten. Многу јасно дека Ferry не е единствената причина за оваа статија и за журката, Roger Sanchez го отвори патот, а тука се Iceberg и Lephonq за кои мислам дека треба посебно внимание и за мене посебна подготовка. Додека мојот драг пријател и сопатник низ времето Никса се пакуваше за Sziget Festival, останав да се погрижам за локалцките работи (обичен смртник). Пред да продолжам со колнење на мајмуни, морам да кажам дека многу добра журка напраи чичко Ferry, одлично крешендо по Roger Sanchez, за кој искрено мислев дека ќе не закопа и умори, сум се лажел целото време. Хронолошки, еве што се случуваше од самиот почеток:
10:15 Излегуваме од Скопје, со надеж дека нема да налетаме на гужвите предвидени накај Охрид, чао Жорче, чао Скопје, у брзање сум ќе те барам.
11:20 Стража. Иако автопатот Тетово – Гостивар го поминавме за неполни 5 минути, иако на најдобар можен шоферски начин, Јово со своето Alfa Romeo GTV Turbo V6 ме залепи за совозачко седиште, тие гужви беа неминовни. Се паркиравме карши мекиците, рековме fuck this shit и си зедовме по некое кроасанче од бензинска. Не ми се дремеше многу, сакав да ме возат ко спонзоруша накај Охридон. Назад на пат.
12:40 После Зајас, Кичево, Мешеишта, ене го ОхридоТ, македонското Монте Карло. Пак гужви, ко да беше некој битен празник, сите се искрцаа и тие што треба и тие што не треба. Се сместивме кај Фичо во стан, ги разбудивме лујѓето. Доста дремење одиме правец плажа.
14:30 Која клета плажа… Сакавме на плажа Оревче, демек со кола, па и паркинг ќе најдеме. Добар! Наидовме на колона од Пештани до влез на Градиште, а и си продолжуваше колоната. Fuck this shit, налево круг, ќе бараме место на плажа Парк, можеби и ќе имаме среќа, можеби.
19:00 Се си оди по план, најадени и освежени, се фрливме на водката, си раскажуваме за комбинациите, за плановите, за работа, живот, ги најдовме решенијата за името, за телепортација, го решивме и #ск2014, како не беа таму, на таа тераса на ул. Даме Груев седумдес-нешто 2кат 6000 Охрид, нашиве мислители со над 140IQ, па да слушнеа што се ни се мота нам младите во главата. Забегав, забегавме, чекајте малце другари, 9 саат стана.
21:30 Се раштркавме на сите страни, да си ги средиме сите комбинации за вечерта, па се чекаме на влез, на Green Beach Festival, по целиот ден исполнет со Ferry Corsten, му ги ислушавме скоро сите сетови во изминатава година, време е да се соочиме со човекот во живо. Очи широко затворени и влегуваме.
22:00 Цените стандард, ако ги критикував организаторите за журката на Aqua Park Fest во Пробиштип, не можам сега да премолчам, 100ден. за вода… Дали треба да продолжам? Дајте Ве молам, ќе ви доаѓаат луѓе, како што доаѓале претходно на сите журки. Го разбирам бизнисот како оди, сакате плус да донесете некое име, сакате да се покриете, арно ама не е вкусно, водата ми горчи во уста кога ќе ги дадам тие пари. Озвучувањето не беше доволно добро, за да се спореди со светски стандарди. Забележав неколку “индијанци“ кои си влегоа со обезбедувањето, кое многу сериозно си ја сфатило работата, урлање лице во лице на посетителите на влезот.
23:00 Јас важно се изнаскокав, „за сите пари“. Како што кажав прекрасно крешчендо (научив нов збор од ЛОЛ), Roger Sanchez и Ferry Corsten беа беспрекорни. Искрено, ни на крај памет дека можат да се спојат, tribal house-от на Roger и euro trance миксовите на Ferry. Многу поприсутниот пред македонската публика, Roger Sanchez, со своето радио шоу „Release Yourself“, ни е познат по лесниот, благ и носталгичен ритам. Со одличните ремикси на „Hella Good“ (No Doubt), за кој ја има добиено и грамофон статуетката на Греми наградите, како и личниот мој фаворит, траката „2gether“ (во соработка со Far East Movement) создадена со семпл од „Love Shack“ на B-52’s, одлично го крена расположението, можеби стигна до 132 bpм, не можам да тврдам, ама динамично беше. Спремно за Ferry, кој отвори со „Fuck the bullshit“ и ја подигна енергијата на публиката на повисоко и подинамично ниво. Сет листа без замерки, продолжи со Collision и од 135bps па нагоре, качуваше па спушташе. Убаво е да се знае за Ferry дека е стар панкер, тоа може да се примети во моментите кога префрлањата ги прави толку тврди и бесни. За Ferry може да го закачиме она што Armin Van Buuren го кажува за транс музиката, транс музиката не е одреден жанр, тоа е патување, кое во себе носи премногу звуци, мелодии и емоции, никој едноставно не може да посочи за една трака дали е транс или не. Знаејќи ги овие факти, ги проследив овие генијалци од друг аспект таа Илинденска вечер. Јас сум презадоволен.
04:00 Помина нашиот празник, да ни е за многу години. Се фатив за џебовите да видам дали нешто ми фали, стандард процедура на секој пола саат. Пребледев, новчаникот во ниеден џеб не го најдов, парите за среќа не ги чував таму. Застанав на шанк да побарам некој од одговорните, барем да оставам контакт за секој случај, половина час помина и јас се помирив со судбината, од понеделник одам во службен весник, па во полиција… Се довлечкавме некако јас, Габи, Фичо и Даре во станот, комбинациите на Веле, Јово и Жаре беа успешни, горд сум што сум опкружен со луѓево. Легнав со измешани мисли во глава.
Дарко Андреевски