Кога интернет поврзувањето доживуваше експанзија во Македонија, поточно во 2007 година, во онлајн просторот се појави првиот македонски подкаст – Гроздановиот подкаст на поранешниот новинар Гроздан Попов.
Вкупно 20 епизоди од подкастот и денеска може да се преслушаат на интернет, како напор на Стеван Ѓоргиевски, како и Ѓокица Зафировски, кој своевремено бил „десна рака“, односно техничка поддршка на Гроздановиот подкаст.
„Настани од домашните вести, па странски вести, малку забава, малку култура, интернет, структурата беше баш така, како македонски дневник од 70-те, 80-те….“, вака Зафировски сумира за тоа што Попов зборувал во неговиот подкаст, носталгично навраќајки се на почетоците пред 15-тина години.
Идејата за првиот македонски подкаст била на Зафировски кој лично се знаел со Попов.
„Како човек ми беше многу интересен и доста блогираше, зборуваше онлајн. Имаше свој блог, беше активен и ми се допадна на кој начин зборува. И му реков, тогаш беа и трендовите, се појави АјТјунс како подкаст платформа […] Јас сум софтвер дизајнер и технологист, тие работи ги правам и од интерес и од експеримент и идејата беше дека би било многу добро тоа да се направи. И така дојде таа идеја, а беше исто многу по технологијата, снимаше, пишуваше […] Иако беше подруга генерација од нас, беше многу во тек, и како новинар беше многу образован и начитан“, се сеќава Зафировски.
Професијата на Зафировски, кој живее во Лондон, му овозможила новите трендови за кои вели дека „секогаш некако доцнат во балканските простори“, да му доаѓаат од прва рака живеејќи на Западот. Токму затоа добил идеја преку оваа, за тоа време нова форма, да произведе и македонска содржина.
„Тоа беше и иницијативата, меѓутоа за да произведете содржина, треба да имате навистина добар, квалитетен извор, и во барање на тој извор, дојде идејата да разговараме со Гроздан да биде извор на квалитетна содржина, што може да се спакува и да се дистрибуира до публика, преку подкаст форматот“, вели Зафировски.
Но, сепак, иако продукцијата на аудио содржини е иста како и снимањето музика, штом се продуцира треба да биде поставена и на одредена дистрибутивна платформа.
„Подкастови како подкаст, доаѓа од името АјПод, на Епл платформата и тие го пласираа тој формат и да го ставиш на АјТјунс, меѓутоа тоа е многу ограничено, затоа што во Македонија тогаш немаше многу луѓе кои можеа да си дозволат да купат скапа технологија, телефоните тогаш беа прескапи“, додава Зафировски.
Таквите околности го „принудиле“ да ја постави содржината на веб-страница, од каде ќе може да се пристапи до подкастите, на ист начин како и денешните подкаст платформи.
„Тоа беше направено да биде достапно до сите кои може да дојдат до него. Точно дека немаше многу интернет, меѓутоа тогаш имаше ‘Kлик магазин’ во Македонија и баш мислам дека имаше статија за првиот македонски подкаст и во тоа време […] Да се разбереме, Македонија секогаш беше во тек, секогаш имало луѓе кои што ги следеле работите. И тогаш ‘Клик’ беше на многу добро ниво, како квалитетен магазин за технологија…“, раскажува Зафировски.
Подкастот предизвикувал и коментари од публиката, па Зафировски се потсетува на еден од нив, каде биле отворени прашања за тоа како да се развие подкастот, дали е тој профитабилен, но и каков модел да се изнајде за понатаму.
„Бидејќи ние кажавме – ова е приватно, ние пари од ова не правиме, во слободно време го правиме од задоволство, еве ако сакаме да продолжиме… Гроздан почна да зборува дека треба спонзори… Тој разговор беше океј. Како, овој некој прототип, да се развие во нешто сериозно, со реклами, со инвестиции. Штом имате инвестиции може да работите посериозно новинарство, да имате соработници…“, објаснува тој.
Како што се развивал подкастот, работата на него почнала да му одзема и многу време на Попов. Да се напише концептот, да се најдат теми, да се осмисли… Зафировски се присетува дека тоа одземало и цела недела за да се направи финалниот продукт.
„Значи нема време ни за внукот, нема време ни за ручек да направи… Преоѓа во обврска и веќе и тој кажа, ‘Ѓокица, ова одзема многу време, или дај ми пари, или да најдеме пари, затоа што вака веќе не оди. Се отепав од работа, задоволство ми е, ама не можам веќе, стар сум…’. Да, задоволство е, меѓутоа кога задоволството станува обврска, веќе посветувате многу време, а кога произведувате продукти за мала публика, значи не се враќа финансиски ништо, и замира, тоа е нормално“, посочува Зафировски.
Како до поразвиена подкаст култура?
Дарко Булдиоски речиси 11 години, заедно со неколку соработници низ годините, го продуцира вториот македонски подкаст наречен #комкаст. Но, според Булдиоски кој од март 2011 година па сè до денеска продуцира содржина посветена на теми за маркетинг, нови медиуми, дигитална трансформација и дигитална култура, Македонија е назад во трендот со подкаст содржините, како и нејзината публика.
„Помалку има култура на слушање на овој формат, а секако следствено на тоа има и помалку креатори на содржина. А може да го тврдиме и обратното, нема толку слушатели и не е развиена многу оваа култура затоа што нема локална содржина, ама хеј, сепак ова е интернет, а на него има се` и сешто за секого“, вели Булдиоски.
Радиото како медиум била неговата прва љубов, и додава, ќе остане. Кога почнале да функционираат во дигиталниот свет, вели дека веднаш биле едни од тие кои креирале содржини. Па така, го направиле блогот Комуникации во 2005 година, за потоа, како што додава „со тек на време си дојде редот да се подготвиме за реализација на подкаст“.
Првата епизода била снимена во канцеларија на маркетинг агенцијата „NewMediaMK“ која сега стои и зад блогот Комуникации. Првичните содржини биле со разработено сценарио, се сеќава Булдиоски, со неколку новости на почеток и една централна тема.
„Секако квалитетот на продукцијата не беше на високо ниво, но содржински мислам дека тогаш најмногу планиравме. По првите дваесетина епизоди кои одеа само во аудио формат #комкаст доби нов дом, односно премиерно во живо одеше на Радио МОФ за веднаш потоа да го објавуваме и на Комуникации. По 50-тина снимени епизоди следуваше подолга пауза по која се вративме со нов формат, видео плус аудио. Тогаш со Митко Цабевски одевме во живо секој четврток во 14 часот. По таа серија, повторно следуваше пауза по која се вративме со комплетен видео плус аудио подкаст кој и ден денес редовно си тера“, објаснува Булдиоски.
За #комкаст нема јасна статистика за бројот на слушатели, освен на прикачените содржини на ЈуТјуб каде јасно може да се провери тоа. Но, Булдиоски посочува дека тоа не е случај со сите подкасти и дека тоа не се комплетни бројки затоа што бројот на слушатели и преслушувања на аудио платформите не е лесно јавно достапен.
Подкастите изминатите години го доживуваат својот трет бран на популарност, забележува Булдиоски, кој додава дека тоа е под влијание на некои контроверзни креатори, под влијание на зголемениот фокус на Спотифај кон овој тип содржина, како и под влијание на пандемијата.
„Последниов бран некако донесе на глобално ниво и презаситеност, премногу повторување на едни исти, често и празни муабети, но секако донесе и поголема публика и популарност. Подкастите се тука, не одат никаде, самиот факт дека изминативе години се повеќе во фокус влегоа и аудио содржините на социјалните мрежи ни кажува дека ова е домен кој ќе се развива. На глобално ниво се очекува уште поголем подем на видеото како примарен формат на подкастите, повторно ќе кажам под влијание на Спотифај, но ќе видиме“, посочува Булдиоски.
За тоа дека подкастите направија бум откако почна пандемијата со коронавирусот, јасно може да се види и во времепловот кој го подготви Радио МОФ. Се обидовме да ги мапираме повеќето подкаст, но и видеокаст содржини кои се објавувале со текот на годините, а најзабележливо е дека огромниот дел од нив започнале со објавување содржини во текот на 2020 и 2021 година.
Покрај подкастот кој се дефинира како „серија епизоди на дигитални аудио фајлови кои можат да се слушаат во било кое време“, креаторите на содржини во видео форма неретко исто така го користат терминот подкаст за да ја објаснат нивната содржина. Но, истовремено, некои одлучуваат подкастите да ги прикачат и на видео платформи каде се прикачуваат аудио содржини, но неретко и во целосна форма на видео формат.
„Голем дел од публиката прв пат се сретнува со терминот подкаст преку неговата видео верзија. Тоа е подоцнежен тренд во кој покрај аудио, се снима и видео и се објавува на ЈуТјуб или некоја друга платформа. Затоа, за добар дел од публиката видео форматот е синоним за подкаст. Нема потреба да се разграничуваат. Оригинално подкаст е аудио, како се развива и што сè се додава на него не е ни толку важно. Медиум е, ја менува својата улога, формат и слично“, објаснува Булдиоски.
Слушателите се бараат на социјални мрежи
Подкастот како содржина има потенцијал, смета Мартин Анастасовски кој стои зад „Збориме реално“. Објаснува дека е прилично задоволен од бројот на слушаност на неговиот подкаст, поаѓајќи од конзервативните очекувања кои ги имал. Според него, подкастот претставува своевиден, специфичен начин за поврзување со други луѓе или случувања.
„Многу битен момент е тоа што подкастот овозможува разонода, пасивна комуникација, слушање разговор, а притоа го прекратува нагонот (ако го има) на некој да напише коментар или да се искара, како што се случува на социјалните мрежи. Тоа е добро. Подкастот може да ни ги смири вијугите“, смета Анастасовски.
За него, искуствено вели дека слушањето подкаст е искуство слично со слушање музика, што овозможува поблизок однос и рефлексија со содржината. Од друга страна, потенцира дека подкастот е продолжение на радиото, но со важна разлика што луѓето можат да бираат каква програма, кога и како слушаат. Радио станиците, според него, се задоволни со тоа да го исполнат нивниот минимум.
„Дури и Македонско радио одвај ја исполнува својата медиумска улога. За жал, во нашиот етер нема младинско радио. (н.з. Фреквенцијата) Канал 103 згасна, и не дека имаше некаква разговорна програма освен некои случајни искрсоци. Радио МОФ е супер, но е онлајн. Можеби треба да добие своја фреквенција или дел од времето на некоја таква станица во иднина“, смета Анастасовски.
„Ова погоре е уште една причина зошто подкаст. Не сум сам со мислењето дека радиото треба да креира богата и наменска понуда на содржини што ќе го збогатат контекстот на живеењето, ќе не разонодат, насмеат, ќе ни помогнат да го разбереме времето, во разни области. „Збориме Реално“ не може да биде одговор на тоа, но се надевам дека ќе понуди нешто. Мојот подкаст нема тематски фокус. Едноставно, сакам да разговарам со разни луѓе и на разни теми што сметам дека се битни или интересни“, додава тој.
Она што предизвикува потешкотија и предизвик за неговото творештво е времето, односно работата, семејството и останатите обврски. Понекогаш пак, додава дека не не едноставно и да се договори соговорникот за термин. Дополнителен проблем е и тоа што нема студио, а емисиите ги снима во домот.
„Неодамна го снимив второто интервју што ќе биде достапно и како видео и забележав дека во позадина се гледаат ѕидните графити на децата, натрупана полица, мијалник… Мене не ми пречи. Некој ќе забележи дека тоа е аматерски, но небитно, мене ми е битна интеракцијата со соговорникот. Трет детаљ е што снимам со еден диктафон, кој снима стерео и прилично добро си ја врши работата. За сега е така. Можеби ќе дојде на ред да вложам пари за микрофони и слично“, објаснува тој.
Позитивната страна на подкаст содржината, за Анастасовски е тоа што вели дека му овозможува да го пренесе гласот на некои луѓе кои медиумите не ги земаат предвид.
„Подкастот ми овозможува да понудам платформа за искажување на луѓе што нешто конкретно прават со времето и талентите, па се во процес на креација, во процес на размислување – или пак, се соочуваат со предизвици во животот и сакаат да пренесат порака до другите или сакаат да бидат разбрани, па евентуално да ја прошират борбата наспроти тие предизвици“, вели тој.
Негативната страна пак, посочува дека е малиот опсег на публика. Според него, тој може да се зголеми преку промоција на социјалните мрежи.
„Ова се однесува на било кој иден подкаст. На интернет се бараат слушателите. Не знаеме сè уште каква е реакцијата, дали луѓето меѓусебно си препорачуваат домашни подкасти или не, дали се навраќаат на профилот или веб страната“, смета Анастасовски.
Иднината, конкретно на „Збориме реално“, дециден е дека зависи од тоа колку тој ќе биде истраен и редовен со содржини. Истовремено се надева дека ќе „никнат“ подкастери што ќе фатат конкретен правец и ќе направат обид да го понудат и извадат најдоброто од соговорниците.
„Се надевам и дека ќе има и креатори на содржини што ќе се потпрат на факти и на наука, ќе воочат каде се празнините кај нас и ќе придонесат во тој поглед. Пак ќе нагласам, нема недостаток на теми и нема недостаток на нови знаења и погледи што можат да влијаат кон подобро. Секако, очекувам да има и локал-специфични подкастери, а се надевам дека ќе има и луѓе чија мисија е да ги насмеат другите“, дециден е Анастасовски.
Мартин Колоски