Времето ќе се мери по старо, за посветли зимски вечери се чека на ЕУ

Зимското сметање на времето почнува вечерва во 3 часот, па со враќањето за еден час наназад – времето во 3 часот ќе се смета како 2 часот. Во јавноста струеше љубопитност дали оваа практика ќе се задржи и годинава, а дел од неа беше незадоволна од летното и зимското мерење на времето.

Во 2018 година, поранешниот шеф на Европската Комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер информираше дека промената на сметањето на времето ќе биде укината. За оваа одлука Европскиот парламент гласаше во 2019 година, а решението требаше да биде воведено во 2021 година. Но, вечерва часовниците повторно ќе се вратат за еден час наназад.

„По проценката на постојниот аранжман на сезонски промени на часовникот, Комисијата дојде до заклучок дека, додека се избегнува фрагментација, земјите-членки најдобро можат да одлучат дали сакаат да го задржат постојаното летно или зимско сметање на времето“, се вели во одговорот на ЕК за Радио МОФ.

„Топката сега е на теренот на земјите-членки бидејќи на нив е да најдат заеднички став во Советот“, додаваат тие.

И од Владата потврдуваат дека најавената предлог директива која ја предложи Европската комисија сѐ уште не е усвоена, па претстојнатата промена од летно кон зимско сметање на времето, ќе биде применета  во согласност со важечката регулатива за законското сметање на времето.

„Со оглед на тоа што сѐ уште не усвоена во ЕУ, Република Северна Македонија останува да ја применува и е усогласена со старата директива со летно и зимско сметање на времето согласно Законот за сметање на времето. Оваа одлука останува на сила се додека ЕК не ја усвои новата Директива која потоа ние би ја примениле“, велат оттаму.

Земјите членки можат да изберат дали да останат на летно сметање на времето, а во тој случај последната промена на сметањето на времето би била последната недела од март 2021 година. За оние земји-членки кои ќе го изберат зимско сметање на времето, последната промена на сметањето на времето ќе биде последната недела од октомври 2021.

„Во однос на националната определба околу сметањето на времето, претстои усогласување на националното законодавство на Република Северна Македонија со ЕУ легислативата која се однесува на сметањето на времето и определување начин на транспонирање на горенаведената директива“, истакнуваат од Владата, додавајќи дека во во тој случај менувањето ќе треба да биде поткрепено со детална анализа и информација во која ќе бидат опфатени сите фактори, социјални и економски, а анализата ќе треба да биде усвоена од страна на Владата на Република Северна Македонија.

Па така, по донесувањето на новата директива од страна на Европска комисија ќе треба да се изготви – анализа и информација до Владата, дали ќе се носат нови предлог – измени на Закон за сметање на времето каде ќе се транспонира директивата.

И.С.