Врховниот суд оваа недела ги слуша аргументите во два случаи кои имаат потенцијал да го променат американското општество и статусот на хомосексуалците во него. Вчера Судот расправаше за тоа дали забраната на геј браковите која беше одобрена од калифорниските гласачи, „Предлогот 8“, неправедно ја дискриминира геј популацијата. Судот, иако ги ислуша излагањата на двете страни, објави дека засега нема да донесе одлука со која геј браковите ќе бидат уставно право.
Денеска во Врховниот суд на САД ќе се разговара за тоа дали Актот за одбрана на бракот од 1996 година, кој ја спречи владата на САД да ги признае истополовите бракови дури и во државите кои го дозволуваат, преставува федерален прекршок.
И двата случаи би можеле да го променат секојдневниот живот на геj популацијата и да го трансформираат големото движење за правата на хомосексуалците кое трае со децении и користеше и судска и политичка стратегија за да добие поголема правна заштита за хомосексуалците. Но калифорнискиот Предлог 8, наречен Пери против Хологсворт, и од групите за и од групите против геј браковите се смета за најважен и потенцијално влијателен.
Во Пери постои можност судот да прогласи дека хомосексуалците имаат фундаментално право на брак како и хетеросексуалните двојки. Таквата одлука би испратила порака од судот дека истополовите и хетеросексуалните врски мора да се третираат на подеднаков начин пред очите на законот.
„Не постојат многу одлуки на врховниот суд кои имаат потенцијал да донесат толкави промени“, смета Ервин Чемерински, основачки декан на Правниот факултет Ирвин на универзитетот во Калифорнија.
„Ако судот даде право на браковите за геј популацијата тоа ќе биде од огромно значење за животите на милиони хомосексуалци и лезбејки во поглед на нивната можност да стапат во брак и би била многу значајна изјава на судот дека хомосексуалците и лезбејките се подложни на еднаква заштита пред законот”, додаде Чемерински.
Џон Истман, професор по право на Универзитетот Чапман и претседавач за групата против геј браковите на Националната организација за бракот, исто така го гледа потенцијалот за големи, но негативни промени ако судот одлучи да го поништи Предлогот 8. Тој вели дека одлуката на Врховниот суд во полза на геј браковите „засекогаш ќе ја оштети врската помеѓу бракот и децата“ и ќе ги обесхрабри хетеросексуалните двојки од стапување во брак.
„Тешко е да се замисли поголем предизвик од преживувањето на видовите“, рече Истман за тоа зошто владата треба да е во можност да ги ограничи браковите за истополовите двојки. „Би преживеале на некој начин, но без институцијата брак… ги комодифицирате децата кога ќе ја одземете интимната семејна структура“, смета тој.
Пред само 40 години, Врховниот суд одби да го ислуша случајот на геј двојката која сакаше да стапи во брак во Минесота и напиша дека нивното барање не покренало значајно правно прашање. Во тоа време, во правните гледишта во САД хомосексуалноста често беше третираа како криминал и девијантно сексуално однесување, наместо како доброволна сексуална ориентација, пренесува Yahoo News.
Превод: Ива Симоновска