На 12 април, трагичната приказна на Тони Сали доби разрешница и „спора правда“. Врховниот суд одлучи да ја усвои поднесената ревизија во полза на деветнаесетгодишникот без лични документи, кој цела деценија пред македонските судови се обидуваше да го докаже својот идентитет и да добие основни права.
Македонската јавност минатата година дозна за Сали, кој почина во својот дом без да ја дочека правната разрешница на неговиот случај. Тој беше одличен ученик, кој образованието го добиваше преку Конвенцијата за правата на детето и постхумно доби награда од Град Скопје за матурант – првенец на генерација.
И покрај тоа што со години Тони водеше битка за добивање на матичен број и Извод на родени, на крај, тој не доби ниту официјална посмртница.
Борбата за идентитет на Тони Сали ја започнаа адвокатката Тамара Славевска Апостоловски и неговата мајка 2020 година, а по смртта на матурантот, адвокатката продолжи да ги оспорува одлуките на Граѓанскиот и Апелациониот Суд, доставувајќи ревизија за дотогашните правни одлуки до Врховниот Суд.
Славеска-Апостоловски за Радио МОФ вели дека одлуката на Врховен суд е преседан и позитивен исчекор во решавањето на системскиот проблем со лицата кои се незапишани во матична евиденција, кои најчесто поради неможност да го докажат своето потекло, односно нивните родителски врски, остануваат правно невидливи.
„Со оваа Одлука, се остава простор лицата, без оглед што не поседуваат матичен број и Извод од матичната книга на родени, да можат да поднесат граѓански тужби за утврдување на татковство или мајчинство, кои дополнително би можеле да им служат како доказ во постапката за упис во матичната евиденција“, нагласува Славеска-Апостоловски.
Според Врховниот суд се потврдува дека Граѓанскиот суд бил должен да постапува по тужбата на Тони Сали за утврдување на татковство и мајчинство, а не да се прогласи за ненадлежен.
Радио МОФ пишувајќи за крпениот живот на лицата без документи, преку „тајмлајн“ ја претстави правната „замрсеност“ со која се соочи Тони Сали при неговата битка за докажување на својот идентитет. Со одлуката на Врховниот суд, неговата приказна добива завршница.
Лицата без документи се една од најмаргинализираните групи во општеството, лишена од основните човекови права. Според проценките на невладините организации се работи за околу 700 вакви лица кои живеат во земјава. Најголемиот дел од нив се Роми.
Ивана Смилевска
Објавата е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.