Врховниот суд во Русија го прогласи, како што велат, „Интернационалното и јавно ЛГБТ движење“ за екстремистичка организација и ги забрани нејзините активности ширум земјата. Одлуката е донесена по барање на руското Министерство за правда, иако како правен субјект, таква организација не постои.
Судењето се одржало зад затворени врати, но на новинарите им било дозволено да ја слушнат судската пресуда. Од Судот изјавиле дека од страната на бранетиот никој не бил присутен.
Уставот на Русија се промени пред три години, за концизно да посочи дека бракот значи заедница помеѓу маж и жена, а со него не се препознаени истополовите бракови.
Заменик градоначалникот на Санкт Петерсбург, кој минатата година јавно открил дека е геј, смета дека одлуката цели кон долгогодишни затворски казни за ЛГБТ активистите поради „учество во екстремистичка организација“.
„Ова е вистинска репресија. Постои паника помеѓу руската ЛГБТ заедница. Луѓето емигрираат. Терминот кој го употребуваат е „евакуација“. Мора да се евакуираме од нашата земја, ужасно е“, додал тој.
Во последните години, руската ЛГБТ заедница е под притисок од властите. Во 2013 година, се усвои Закон кој забранува “нетрадиционална пропаганда за сексуални врски меѓу деца“
Минатата година овие забрани беа воведени за сите возрасти. ЛГБТ референците беа отстранети од книгите, филмовите, рекламите и телевизиската програма. Претходно месецов, една руска телевизија го „цензурираше виножито“ во детски цртан филм, боејќи го црно бело, со цел да одбегне казна поради прекршување на Законот кој ја забранува „геј пропагандата“.