Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) денеска соопшти дека врвот на глобалните емисии на стакленички гасови се очекува веќе во 2025 година, поради длабоката енергетска криза предизвикана од руската инвазија на Украина, пренесува Данас.
„Глобалната енергетска криза предизвикана од руската инвазија на Украина предизвикува длабоки и долгорочни промени кои имаат потенцијал да ја забрзаат транзицијата кон поодржлив и побезбеден енергетски систем“, се вели во извештајот на агенцијата со седиште во Париз.
Осум дена пред Светската конференција за климата КОП27 во Египет, ИЕА во својот годишен извештај за 2022 година предупредува на јазот меѓу богатите и сиромашните земји во однос на инвестициите во енергија со ниска содржина на јаглерод.
Агенцијата повика на поголеми напори од меѓународната заедница за да се намали овој „загрижувачки јаз“.
Од ИЕА наведуваат дека и покрај климатските инвестиции во светот, глобалните емисии на стакленички гасови ќе го достигнат врвот од 37 милијарди тони во 2025 година, а потоа ќе паднат на 32 милијарди тони во 2050 година.
Во извештајот се додава дека просечната температура би можела да се искачи на околу 2.5 степени до 2100 година, што е „далеку од доволно за да се избегнат тешки климатски последици“.
Агенцијата ја нагласи потребата од огромни инвестиции во чиста енергија, без разлика дали е зелена или ниско-јаглеродна, како што е нуклеарната. Таа се заложи и за забрзување на употребата на електрични батерии за автомобили и фотоволтаични уреди и електролизери кои ќе произведуваат водород наменет специјално за декарбонизација на индустријата.
„Потребни се големи меѓународни напори за да се премости загрижувачкиот јаз што се зголемува меѓу напредните економии и земјите во развој“, во однос на инвестициите во чиста енергија, се додава во извештајот на ИЕА.