Менструацијата е состојба ексклузивна за женскиот пол и за да се надмине стигмата која се влече од трансгенерациската траума, треба да се зборува јавно. Да се признаат потешкотиите и симптомите е првиот чекор што може да го направат девојките и жените, а меѓу тие чекори би можел да биде и девојчињата да не одбиваат да вежбаат на физичко поради циклусот. Физичката активност и исхраната имаат важен удел во справување со промените кои му се случуваат на женското тело. Значајно е да има разбирање и свесност за тие промени и за тоа да се зборува јавно.
Ова беа главните заклучоци од вчерашната панел-дискусија „Втор ден ми е“ која се одржа во „Јавна соба“. За време на дискусијата беше поставена изложба со портрети на 13 девојки и жени фотографирани за време на вториот ден од нивниот циклус или во случајно избран друг ден кои го запазуваат нивното расположение.
Поткровјето на „Јавна соба“ вчера се исполни со луѓе од разни генерации. Значаен дел од публиката на дискусијата и посетителите на изложбата беа млади момчиња, средношколци и студенти. Имаше дојдено и средношколки со својата наставничка, а околу имаше и родители кои ги донеле своите деца, и женските и машките. По едночасовната дискусија присутните ги разгледуваа и коментираа фотографиите на Стефан Самандов.
View this post on Instagram
Настанот го организираше „Јавна соба“ со поддршка на компанијата ДМ – Македонија која изминатиот период постави диспанзери со хигиенски влошки во тоалетите на универзитетските згради низ земјава.
На панелот за надминување на менструалната стигма инспириран од вториот ден од циклусот говореа министерката за образование и наука, Весна Јаневска, Симонида Котларова Попоска, гинеколог, Натка Пачоска, специјалист по медицинска психологија и Емилија Спасовска Мојсовска, нутриционист, а модераторка беше Ана Василевска.
Според специјалистката по медицинска психологија, Пачоска, стигмата се влече од трансгенерациската траума на бабите и мајките кои, како што рече генерациски не се толку зад нас.
„Сите тие психолошки ситуации и состојби како тоа колку е тешко и болно за време на циклусот, а кои ѝ се случуваат на жената, таа треба да ги скрие, така биле воспитувани за да можат да бидат избрани како силни жени коишто можат да раѓаат. Сите оние коишто би покажале слабост, болка итн. биле прогласувани за слаби за да бидат сопруги. (…) Јас не велам дека менструалниот циклус е нешто што покажува слабост, меѓутоа да се изговори или да се признаат потешкотиите, симптомите, психолошката состојба е првиот чекор којшто треба да го направи девојката, жената, па од тука натаму веројатно ќе може да работи повеќе на тоа да ги надминува тие потешкотии“, посочи Пачоска.
Таа укажа дека психолошките промени за време на циклусот се случуваат на емоционален план, но и на когнитивен и на социјален план – што го опфаќа целокупното функционирање. Тоа се должи, како што објави Пачоска на ралзичното ниво естроген што може да влијае на носење на одредени одлуки.
„Може да се случи девојчињата да имаат пониски резултати на тестовите, помалку да научат. Засега сите срамежливо зборуваме, па дури и не го спомнуваме. Девојчињава воопшто на училиште не кажуваат, си велат ‘Јас сум доволно паметна, па ќе можам да издржам’, значи јас сум доволно силна, повторно издржливоста и силата. Менструалниот циклус влијање и на социјалното функционирање на особата, особено вториот ден, третиот ден – девојките не се баш многу спремни да излегуваат да се дружат, токму заради тоа што ќе можат да се случуваат некои состојби коишто нема да бидат пријатни, да се чувствуаат непријатно, надуени итн“, рече Пачоска.
Важноста да се зборува јавно и гласно на оваа тема ја потенцираше и министерката за образование. Јаневска посочи дека менструалното здравје и менструацијата понекогаш знае да претставува табу тема, или „тема на срам“, за која ако се зборува може да подлегне на стигма или исмејување.
„МОН одвојува посебен сегмент за репродуктивното здравје на жените и секако со воведување на сексуално образование во деветто одделение и понатаму во следните години од средното образование. Значајно е не само за младите жени кои трпат промени во своето тело, и сите овие манифестации, значајно е да има разбирање и свесност што се случува со телото на младите жени во одредени периоди од нивниот живот, а тоа знае да трае многу подолго. Се разбира дека поддршката треба да е сестрана и да е опсежна за да сите кои легуваат во образовниот процес имаат еднакви можности“, рече Јаневска и ги повика општествено-одговорните компании да придонесат на некаков начин за ова, бидејќи како што рече „образовниот систем не може сè да покрие“.
Нутриционистката Емилија Спасовска Мојсовска истакна дека здравата исхрана е важна постојано, но особено пред, за време и по циклусот.
„Во здравиот начин на исхрана би ја вклучила и физичката активност, а не на професорот по физичко да му кажеме дека ‘имаме добиено’. Па, што ако имаме добиено? Значи можеме да вежбаме и тогаш, меѓутоа да се фокусираме на тоа како ние треба во текот на денот кога ќе знаеме дека имаме физичко, кое знаеме дека е добро за мускулно-скелетното здравје, како да ги олесниме тие тегоби, ако врз себе немаме агресивна физичка активност“, нагласи Спасовска Мојсовска.
Таа напомена дека чоколадата е брзо решение кое треба да се одбегнува и да се внесуваат витамини, минерали, јаглхидрати и протеини во три оброци дневно со две ужинки, а секогаш да се внимава и на количеството вода кое се внесува, ако треба да биде од 2 до 2 ипол литри на ден. За време на циклусот препорачливо е во водата да се додава ким или ѓумбир или да се пие чај од маточина или нане.
Гинекологот Симонида Котларова Попоска посочи дека менструацијата е состојба ексклузивна за женскиот пол, ја има кај жената и кај животните и даде медицинско објаснување за болката што се чувствува периодот околу циклусот.
„Многу чето пациентки ќе речат ‘ама јас сакам да имам менструација да ми се прочисти крвот’. Тоа не е никакво прочистување на крвта туку едноставно само одлуштување на слузницата. Во матката се наоѓа ендометриум односно слузница, лигавица во која се наоѓа оплодената јајце клетка, доколку настане оплодување. Ако не настане оплодување, таа слузница се одлуштува и всушност менструалното крварање е одлуштување на слузницата и затоа не е чиста крв и секогаш има примеси како парчиња ткиво и тоа е енометриумот. И самото тоа одлуштување е она што е болно“, рече Котларова Попоска.
Според неа ваквите настани ја одредуваат наоката во која треба да оди идната енергија кога се зборува за менструалниот процес.
„Отворено и слободно да се зборува затоа што тоа е физиолошка состојба која постоела, постои и секогаш треба да постои. Едноставно, тоа ќе биде тешко, нема да оди така брзо, но треба отворено да се зборува, да се размислува да се надминат тие некои стеги на самото размислување за да бидат што поотворени“, порача таа за крај.
Ова е втора панел дискусија на оваа тема. Првата се одржа во средата на 27 ноември „Никогаш повеќе сама“ во аулата на Филолошкиот и Филозофскиот факултет при УКИМ. Во текот на следните недели, секоја сабота во поткровјето на „Јавна соба“ ќе се одржуваат работилници за надминување на стигмата околу менструалниот циклус и едуцирање за менструалното здравје кои се отворени за сите заинтересирани.
Ангела Бошкоска
Фото: Радио МОФ