Режисерот Јавор Гардев се има максимално посветено на истакнувањето на важноста на уметноста во процесот на спознавање на вистинските животни вредности при подготвувањето на претставата „Ноќна пеперутка“.
Во полната сала во Младинскиот културен центар, актерската трупа од Народниот театар „Иван Вазов“ од Бугарија ја натера целата публика да се соживее со подемите и падовите на ликовите во претставата. Дејствието се одвива некаде на Сибир во една од руските воени бази. Се случуваат работи несвојствени за она што би требало да биде вообичаено отслужување на воениот рок.
Се дознава дека еден од војниците всушност е девојка која го крие идентитетот за да ја примат во воена служба, притоа сметајќи го целиот тој процес за еден голем уметнички перформанс во кој таа ја игра главната улога. Нејзината игра е толку уверлива што успева да го натера полковникот задолжен за таа база да ја ризикува својата воена кариера и да се впушти во ноќни проби на големите дела на Шекспир. Актерката Весела Бабинова се соживеа целосно со својот лик што на крајот од претставата резултираше со тажни воздишки низ публиката поради нејзината смрт.
Актерките Јасна Ѓуричиќ и Милица Стефановиќ и нивната изведба на претставата „Прст“, работена според текст на Дорунтина Баша, го издигнаа проблемот со непочитувањето на женските права во конзервативните заедници на едно глобално ниво преку исфрлање на сите лични податоци кои првобитно стоеле во текстот.
Во процесот на пробите, тие работеле со целокупна сценографија, костимографија и комплицирани сценски движења, за на три дена пред самата премиера, режисерката Ана Томовиќ да одлучи претставата да се сведе на драмско читање на текстот и на мимиките, гестовите и интонацијата на двете актерки.
Во многу интимна атмосфера во Џепното кино во МКЦ, 70-тина гледачи се фокусираа на зборовите на двете актерки и нивното вистинско значење. Процесот на оддалечување од личните податоци во текстот како да им помогна на актерките уште повеќе да се внесат во играта и да станат за момент прототипови на снаата и свекрвата кои постојано се во борба за тронот во срцето на нивниот син или маж. На крајот на претставата, кога ликот на Јасна ја споделува својата емотивна исповед со целата публика, претставата достигнува климакс со извонредната енергија на актерките и музиката пуштена од едно мало касетофонче.
Јована Ѓорѓиовска