Бисера, кучето на кое пред два месеци деца со петарди му ја разнесоа устата се чувствува добро, во недела конечно ќе биде вдомено во скопско Зелениково. Ужасната случка не оставила психички последици врз Бисера, а поради операцијата во која изгуби неколку заба, устата и е затегната и изгледа како да е цело време насмеана, раскажува Мелиса Богоева, девојката која се грижеше за повреденото куче.
„Таа е весела и дружељубива. Најмногу сака да се гали, мила е и лесно се приврзува со луѓето.“ – раскажува Мелиса.
Со жалење се потсетува на случката која ја згрози јавноста и сите љубители на животни.
Најдено и оперирано е кучето на кое деца му ставиле петарда во уста
„Една девојка на социјалната мрежа „Facebook“ објави дека има повредено куче коешто со отворена рана три или четири дена се шета по улицата близу до интернатот во Автокоманда. Го видов постот и одлучив да одам и да му помогнам на кучето,“ раскажува таа.
Не била единствената што се обидела да помогне на кучето, туку се ангажирале повеќемина љубители на животни. Сепак, не успеале да го фатат истиот ден. Но , не се откажале, па веќе следното утро Бисера била заловена и однесена на ветеринар.
Докторот Марин за неа се грижел десет дена, а потоа ја префрлиле во пансионот Киско. Благодарение на бројните донации, Бисера добива нова шанса за живот.
„Ми недостасуваше веднаш штом си отиде,“ додава Мелиса која ја чуваше Бисера изминатите неколку дена, за да ја среди и избања за новите сопственици. Објаснува дека не може да ја задржи Бисера бидејќи веќе има неколку кучиња. Сепак е пресреќна што за неа е најден нов дом.
Случајот со Бисера и покрај првичниот ужас, вели дека и ја вратил вербата во дека постојат добри луѓе. Мелиса со радост раскажува дека целиот случај наишол на голем одзив во јавноста, многу луѓе понудиле помош и веднаш се собрала потребната сума на пари за лекување на Бисера.
Ана Илиева