Агенцијата за вработување ги повика сите невработени лица да го дооформат своето средно стручно образование преку новата пилот програма „Втора шанса“, пишува Мета.мк.
Преку оваа програма, 200 граѓани од земјава ќе имаат можност да го завршат своето средно стручно образование. Програмата ќе се спроведува во средни стручни училишта за машинска, електротехничка, угостителска и градежна струка.
„Врз основа на податоците со кои располагаме и со намера да им се помогне на невработените лица со пониски квалификации и пониско ниво на образование, оваа пилот програма беше конципирана и отворена како можност за невработени лица со незавршено средно стручно образование – 3-та година од стручното образование за занимања (тригодишно образование) или 4-та година од техничкото образование (четиригодишно образование)“, вели Наташа Здравковска, координаторка на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ во чии рамки се спроведува програмата.
Здравковска истакнува дека сите лица кои ќе бидат избрани да учествуваат во програмата ќе добијат диплома за завршено средно стручно образование, која не ја стекнале додека биле вклучени во редовниот образовен процес.
Од Агенцијата за вработување информираат дека огласот е во тек и ќе биде отворен за пријавување сѐ до исполнување на предвидениот опфат од 200 учесници.
За проектот може да се пријават невработени лица кои немаат завршено средно стручно образование и спаѓаат во ранливите целни групи на проектот – корисници на гарантирана минимална помош, млади лица до 29 години, Роми, жени, лица со попреченост и долгорочно невработени лица.
Заинтересираните лица при пријавувањето треба да приложат оригинал од свидетелствата кои ги имаат и треба да се пријават во Центрите за вработување.