Во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ), втората Парада на гордоста во Скопје ќе се одржи на 26 јуни 2021.
„Оваа година Парадата на гордоста повторно се враќа на улиците, во физичкиот јавен простор. После првата, успешно и беспрекорно спроведена парада во 2019 година, пандемијата нѐ принуди сите минатогодишни настани за одбележување на Месецот на гордоста да ги одржиме онлајн. Неизвесноста во која нѐ втурна пандемијата е сѐ уште присутна, но среќни сме што состојбата се стабилизира и што оваа година имаме шанса повторно гордо да зачекориме по скопските улици“, велат организаторите.
Оттаму информираат дека слоганот на овогодишната скопска парада на гордоста е „Вон ѕидовите!“ – бидејќи ЛГБТИ+ заедницата, како ретко која друга група граѓани, добро ја познава изолацијата и често искусува живот скриен меѓу ѕидовите на нивните мали, приватни простори.
„Имајќи предвид дека парадите на гордоста имаат за цел да ја зголемат видливоста на нашата заедница, слоганот „Вон ѕидовите!“ го посветуваме на сите ЛГБТИ+ луѓе кои гордо и достоинствено ќе се приклучат на поворката, но и на сите оние кои од различни причини не можат да бидат отворени и да бидат дел од парадата, давајќи им поддршка и ветување дека здружно ќе продолжиме да работиме на рушење на ѕидовите и креирање нов и подобар свет за сите нас“, велат од „НМХТ“, додавајќи дека слоганот „Вон ѕидовите!“ го посветуваат и на сите луѓе во земјата, бидејќи изолацијата и затвореноста меѓу ѕидови беше заедничко искуство чие надминување е заедничка цел и желба.