Второто македонско издание на Филмски Фестивал за Млади во светот на Џифони Македонија ќе се одржи во периодот од 8 до 12 октомври во Скопје.
На Филмскиот Фестивал за Млади, оваа година тимот на Џифони Македонија најавува дека ќе ги спои светските крстопати во Скопје со второто издание под слоганот „Crossroads “. Фестивалот ќе се одржи на повеќе локации меѓу кои МКЦ, Кинотека на Македонија и Кино Милениум. Џифони Македонија ќе биде домаќин на преку 500 деца и млади, кои освен како учесници ќе бидат дел од локалното и меѓународно жири составено од десетина земји, вклучувајќи ги Италија, Романија, Грузија, Србија, Хрватска, Грција, Албанија, Русија и Бугарија.
Покрај проекции на филмови во официјалната селекција, Џифони Македонија на младите им нуди и повеќе од искуство преку забава, креативни работилници, запознавање со познати македонски актери на „Зелениот тепих “, пријателства со целиот свет како и можноста од блиску да го доживеат искуството на најголемиот Филмски Фестивал за Млади во светот GIFFONI Experience.
Џифони фестивалот ( Giffoni Experience ) кој започна во Италија пред 44 години, веќе втора година се организира во земјава како резултат на енергијата на тимот на Џифони Македонија, на чело со извршниот директор Елена Величковска Николовска, заедно со Агенцијата за Филм на РМ и поддршката на Министерството за Култура, Министерството за Образование и Наука, Град Скопје, Општина Карпош и Италијанската Амбасада во Скопје.