Од 10 до 12 октомври ќе се одржи второто издание на фестивалот за креативни индустрии „Скопје креатива“, поддржан од Град Скопје и Универзалната сала, а во реализација на „Соларис продукција“.
Годинешното издание на фестивалот ќе биде насочено кон промоција на иновации од областа на компјутерскиот дизајн, музиката, филмот, дизајнот на мебел и најразлични иновативни производи и услуги создавани од македонски уметници и компании. Програмата пак ќе биде поделена во три сегменти: креативни работилници за деца и за возрасни, „Скопје креатива-експо“, претставување македонски иновации, и „Скопје креатива-базар“ за корисни креативни производи и услуги.
Сите настани ќе се случуваат пред платото и во Универзалната сала, а организаторите го објавија конкурсот за учество на сите уметници, креативци кои се на било кој начин дел од креативните индустрии да се евидентираат во базата на податоци на проект-платформата „Скопје креатива“. Конкурсот е достапен на официјалната страница на фестивалот „Скопје креатива“, а освен на неа, дополнителни информации може да се најдат и на социјалните мрежи.