Последната недела од месецот февруари, односно во периодот од 21 до 28 месецов, во просториите на домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје, по втор пат ќе се одржи фестивалот „Коронијалс“.
„’Коронијалс’ претставува поле на кое се вкрстуваат многу нишки на времија и безвремија, младости и возрасти, интереси и откровенија со цел да се создаде силна нишка на која ќе се подигне новото време на македонската културно – уметничка сцена“, објаснуваат организаторите на фестивалот.
Фестивалот ќе се отвори со ликовна изложба која ќе трае до крајот на настанот, а публиката ќе може да проследи и ноќ на класична музика и опера од учениците од ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј“, книжевна емисија на Светла Јакшиќ и Пепи Стамков со гостинот Стефан Марковски, монодрамата „Ѕвездан“ на Емануела, краткиот филм „Пикавец“ на Георге Нешковиќ, подкаст воден од Светла Јакшиќ и Јана Ангелковска и игранка со експериментален музички состав од Кавадарци.
Фестивалот ќе биде заокружен во недела, со настанот „Ноќ на прозата и поезијата“, на кој ќе се претстават Ненад Јолдески, Владимир Мартиновски, Лиле Стефановска, Исток Улчар, Горазд Кени, Софија Тодороска, Светла Јакшиќ, Пепи Стамков и Емануела.
Целосната програма на фестивалот „Коронијалс“ е достапна на Фејсбук настанот на фестивалот.
Влезот е бесплатен, а настанот ќе се одвива согласно со сите пропишани мерки за справување со пандемијата.