Оваа година на 3. и 4. март во Домот на армијата по 5-ти пат ќе се одржи изложба на макети, минијатури и диорами. Оваа веќе традиционална манифестација е во организација на макетарскиот клуб „Мајор Михајло Ивановски – Микс “ кој е единствен од ваков тип во нашата земја.
Свеченото отворање е на 2 март во 20 часот.
„Интересно во врска со макетарското хоби е што кај нас е многу малку застапено иако во светски рамки станува збор за сериозно хоби. Минијатурите се точни реплики на машини, бродови, авиони итн. и се изработени во размер“, велат од клубот.
Во склоп на „макетарскиот викенд“ ќе се одржи и вториот по ред Куп Скопје, макетарски натпревар на кој силите ќе си ги одмерат макетари од целиот регион.
Правилата се:
- Еден учесник може да се натпреварува со неограничен број на макети.
- Моделот може да биде претставен само еднаш, што значи дека ако некој од моделите веќе учествувал на друг натпревар, ќе може да биде изложен само за време на изложбата.
- Ако одредена макета била дел од претходна изложба може да биде дел од натпреварот.
- Јуниорите и кадетите не плаќаат партиципација.
- Додека ги местат своите макети, натпреварувачите мора да внимаваат да не оштетат нечија друга макета.
Повеќе информации за натпреварот може да се најдат на следниот ЛИНК.
Покрај медалите, ќе се додели и меморијална награда за најдобра макета на германското воено воздухопловство од Втората Светска Војна во чест на Мајор Михајло Ивановски – Микс. Овогодинешната специјална категорија е Израелско воздухопловство.
Сите присутни во времетраење на целиот викенд можат да се информираат за начинот и времетраењето за изработка на минијатурите.
Влезот е бесплатен и отворен за сите.