Второто издание на мултимедијалниот алтернативен фестивал „Гига Фест“ ќе трае три вечери (24, 25 и 31 јули) во Крива Паланка. Фестивалот е посветен на прерано починатиот режисер Глигор Цветковски, основач и раководител на Драмското студио и драмската дејност при Националната установа Центар за култура во Крива Паланка.
Првата фестивалска вечер е на 24 јули (среда), а на програмата е дуодрамата „Кенди“ од Лук Дејвис, во продукција на „Златен елец“, а во адаптација на Тамара Стојаноска. Улогите ги играат Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, музиката е на Лука Тошев, а вокал и укулеле Лео Поповиќ. Претставата ќе се одржи во Центарот за култура, со почеток во 21 часот.
На втората фестивалска вечер, 25 јули, која ќе се одржи на платото пред Градскиот музеј во Крива Паланка, ќе биде прикажан документарниот филм „Лука“, во продукција на „Транзен“. Режијата на филмот е на Ице Виранов, сценариото на Бинева Џејд, костимограф е Столе Ангелов, камерман Иво Јанков, а музиката ја потпишуваат Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров. Проекцијата на „Лука“ започнува во 20 часот, а во 21 часот следува музичкиот перформанс „Ставро и Џејд“.
Фестивалската програма ќе биде затворена на 31 јули со проекција на документарно-музичкиот филм „The Hip – Brainstorm“ , во режија и продукција на Јане Алтипармаков , по оригинална идеја на Љубиша Петрушевски. Камерата е на Наташа Гелева и Ања Илиева, а монтажата на Михаил Димитров. Програмата започнува во 21 часот, на платото пред Градскиот музеј.
„Глигор Цветковски, во чија чест се организира ‘ГИГА Фест’, беше посветен на младите актерски таленти од Крива Паланка, се трудеше да создаде поинаква сцена за младите генерации и да им ја всади желбата за уметноста и вистинските вредности. Неизмерно веруваше во својата идеја и упорно ја градеше кривопаланечката театарска сцена“, истакнуваат од организацијата.
Инаку, мултимедијалниот алтернативен фестивал е поддржан од Општина Крива Паланка, а годинава се реализира во рамките на Кривопаланечко културно лето и манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата“.