Младински образовен форум (МОФ) официјално започна со подготовки за овогодинешното Националното дебатно првенство за почетници кое ќе се одржи на 15, 16 и 17 декември во Скопје.
Оттука, како дел од подготовките е второто онлајн предавање на тема „Човекови права и нивна важност“, кое ќе се одржи на 5 декември (вторник) со почеток во 18:30.
Сите заинтересирани можат да се пријават на следниот ЛИНК.
Од МОФ информираа дека околу 90 мотивирани млади веќе присуствуваа и се дружеа на првото отворено предавање, кое завчера се одржа онлајн.
„За време на предавањето ја анализиравме главната теза на овогодинешниот турнир: ‘Овој Дом би им забранил на сите земји кои кршат човекови права да учествуваат на сите големи меѓународни забавни настани’. Зборувавме за моменталната ситуација на глобално ниво, кои проблеми стојат позади тезата, зошто тие се важни, како и кои се главните вредности кои се кријат во тезата. Дополнително, преку анализа дискутиравме за човековите права и нивната важност, за земјите кои кршат човекови права и колку треба да се толерира кршење на истите“, соопштува МОФ.
Инаку, Национално дебатно првенство за почетници се спроведува во рамки на проектот „Ангажирање на младите за подобрување на наративот за лицата под мандатот на УНХЦР” кој Младински образовен форум го спроведува во партнерство со Канцеларијата на Висок комесаријат на ООН за бегалци УНЦХР.