Хип-хоп колективот „Wu-Tang Clan“, електро бендот „The Prodigy“, електронското драм енд бејс дуо „Chase & Status“ и панкерите „Viagra boys“ се дел од артистите кои ја предводат годинешната програма на најголемиот музички фестивал во регионот, „Exit“.
Од 6 до 9 јули преку бројните стејџови низ Петроварадинската тврдина во Нови Сад, Србија, присутните ќе може да се нурнат во различните музички светови на „Егзит универзумот“. Главниот стејџ во текот на четирите фестивалски дена ќе биде речиси целосно „окупиран“ со електронска музика при што со свој диџеј сет ќе настапат Alesso, Dimitri Vegas & Like Mike, Buraj Yeter, „Chase & Status“, Skrillex. Сепак, големината на стејџот ќе го понуди и настапот на холандскиот симфо-метал состав „Epica“, a таму ќе бидат и „Wu-Thang Clan“, „Viagra boys“ и „Prodigy“.
Хип-хоп сцената од регионот годинава ќе ја претстават белградскиот состав „Prti Bee Gee“, Smoke Mardjelano и Ajs Nigrutin, Hiljson Mandela. Освен нив на бината „Visa Fusion“ ќе настапат хеви-метал бендот „Mortal Combat“ и групата „The Toasters“ која е дел од вториот бран на „ска бендови“.
Повеќе за металците ќе има на „Explosive stage“ каде ќе настапат дет-метал бендот „Massacre“, „Exciter“, „Dead Joker“, „Hyperborea“.
Целиот лајнап на досега објавени артисти е достапен тука. Организаторите информираат дека наскоро следуваат уште изненадувања со најави за бендови и музичари кои ќе ја комплетираат листата на годинешното 23. издание.
Билети за фестивалот може да се купат на официјалниот веб-сајт, а до 28 април влезниците може да се набават со попуст од 60% на финалната цена.