Итно спроведување на ефективни политики и мерки и исполнување на сите климатски ветувања дадени досега, се двете главни барања што Светската организација за заштита на природата (WWF) ги поставува пред светските лидери на почетокот на Конференција за климатски промени COP26.
Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени COP26 оваа година се одржува во Глазгов од денеска, па до 12. ноември.
На оваа конференција се среќаваат владини претставници ширум светот за да ги дефинираат заедничките политики и мерки како одговор на климатската криза, односно да ги исполнат ветувањата дадени на голем број претходни самити, сумирани во Парискиот договор од 2015 година.
„Со започнување на ефективни и амбициозни акции и насочување на преговорите на ОН кон една единствена цел – ограничување на глобалното затоплување на ниво до 1,5°C – можеме да ги избегнеме најразорните влијанија на климатските промени врз луѓето и природата. Собирот во Глазгов можеби е и последна шанса за забавување на климатските промени, постигнување на договор со светските лидери и исполнување на сите претходни ветувања поврзани со климатските промени“, истакна координаторката за политики за WWF Adria во Македонија, Ана Чоловиќ Лешоска.
WWF формулираше пет главни ветувања чие исполнување итно се очекува од присутните на COP26. А, тие се: забрзано намалување на емисиите на јаглерод диоксид, примена на решенија коишто се темелат на природата, итна помош на природата и прилагодување на луѓето, финансирања во иднината и ефикасно спроведување на политиките и мерките за ублажување на климатските промени.
Оттаму посочуваат дека ееопходна е итна акција од страна на владите во регионот. Забележуваат дека во последните години, Балканот е силно погоден од глобалното затоплување и е ранлив на климатските промени. Евидентиран е пораст на просечната температура од 1,2ºC, а се очекува дополнително затоплување од 1,7 до 4°C, во зависност од примената на локални и меѓународни мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови во наредните години, се вели во соопштението на организацијата.
Во пресрет на COP26, државите беа повикани да усвојат подобрени, поамбициозни национално определени придонеси – NDCs (анг. National Determined Contributions), што досега го направиле само 13 од 192-те потписнички на Парискиот договор.
„Целта на NDC-контролната листа на WWF е да придонесе кон нивниот напредок, да поттикне употреба на најдобри практики, да ги идентификува потешкотиите и да укаже на оние коишто заостануваат. COP26 е важна можност за владите, компаниите и другите клучни играчи да покажат дека се веќе подготвени да ги исполнат сите дадени ветувања поврзани со климата“, појаснуваат од организацијата.
Затоа WWF ги повикува граѓаните да се приклучат на кампањата #WeWontForget („Нема да заборавиме“) и да ги потсетат лидерите да не ги заборават нивните ветувања дадени во врска со целите и конкретните мерки за ублажување и прилагодување на климатските промени, како и дека е неопходно да бидат во согласност со новите глобални напори.
„Климатските промени се најголемиот проблем со којшто се соочува човештвото и за негово решавање неопходна е заедничка акција. Токму затоа се вклучив во проектите на WWF поврзани со климатските промени. Сепак, владите се тие коишто треба да покажат лидерство. Очекувам конкретни мерки од COP26, коишто во најкраток можен рок би биле спроведени во поголемиот број држави. Потребни се и планови, но нивната реализација е уште поважна бидејќи немаме повеќе време“, изјави Миња Парабуцки, претставник на движењето за млади на WWF Adria.
WWF е една од најголемите независни организации, која се занимава со заштита на природата и има активна глобална мрежа во повеќе од 100 земји. Мисијата на WWF е да го запре уништувањето на животната средина и да создаде иднина во која луѓето живеат во хармонија со природата, преку зачувување на биолошката разновидност во светот, одржливо користење на природните ресурси, како и намалување на загадувањето и прекумерната потрошувачка.