X (Твитер) според ЕУ е најголемиот извор на дезинформации

Социјалната мрежа X (Твитер) е најголемиот извор на лажни вести, изјави вчера потпретседателката на Европската комисија (ЕК) Вера Јурова. Таа посочи дека X, кој не е потписник на кодексот ширум Европската Унија за сузбивање на лажните вести на социјалните медиуми и рекламните компании, има „најголем сооднос на мис/дезинформативни објави“, јавува Дојче Веле.

Јурова на брифинг со новинарите за ажурирањата на Кодексот на ЕУ за борба против дезинформации од 2022 година рече дека Илон Маск не е изземен од одговорност затоа што неговата компанија се откажала од кодексот.

Кодексот е збир на регулаторни стандарди за компаниите како Гугл, ТикТок, Мајкрософт и Мета да вложат повеќе напори за справување со лажните вести во земјите членки на ЕУ.

„Постојат обврски дадени со законот, така што мојата порака за Твитер е ‘Морате да се придржувате до законот, а ние ќе внимаваме што правите’“, рече таа.

Кодексот го поткрепува Законот за дигитални услуги, усвоен минатата година и наметнува строги правила за модерирање на содржините.