„Youclidean“ е ликовна изложба на младата уметница Елена Гелева која ќе се отвори утре, (понеделник, 18 ноември) во 20 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар.
Елена Гелева за својата иницијација околу изложбата „Youclidean“ вели: „Поаѓам од англискиот јазик;
Изговорот на двете букви ‘Е’ и ‘U’ напишани една по друга и изговорот на заменката ‘You’, речиси не се разликуваат“.
„Првите две букви ‘Eu’ од зборот Euclidean (Евклидова) ги одземам, и ги заменувам со зaменката ‘You’(Ти).
Идејно, го позајмувам првиот постулат на Евклидовите ‘Елементи’. ‘1.Права отсечка може да спои кои било две точки.’ за шеговито да го предлoжам единствениoт постулат на Youclidean; ‘Kонсензус (права отсечка) може да спои кои било два набљудувачи (точки)’“, вели Гелева.
„Суштината во делата на Гелева кои кореспондираат со ‘Големиот бран’ на јапонскиот уметник Кацушика Хокусаи е повторливоста на космосот со секвенци на привидна оригиналност“, се вели во најавата.
На изложбата ќе бидат претставени дваесетина дела со различен формат, од грандиозни големи платна до средни не помалку грандиозни по квалитет.
„Токму тие блесоци на временско индивидуално доживување можеме математички прецизно (ликовно) да го восприемеме од платната на Елена. Делата се вид на тантра која е холистички пристап кон животот, кој ги поканува спремните поединци да ги истражат и интегрираат своите духовни и физички размери за подлабоко и поврзано суштествување. Непотребно е било какво понатамошно анализирање и „дрдорење“ за делата на Елена Гелева која е земно млада уметница но од друга или иста страна, зрела и возрасна авторка која со своите дела има освоено врв, или една единствена точка од ‘големиот бран’“, вели Горјан Ѓорѓиев за изложбата.
„На секое пишување има почеток и крај, на секое дело има почеток и крај, но гледајќи ги делата на Елена Гелева се вивнувам во безвременски и бесконечен простор во кој само треба да СИ и да го вдишеш. Во нејзиниот внатрешен свет вдишувајќи навлегов и останав во еден свет на форми и симболи, бои и нијанси обидувајќи се да дешифрирам што сакал авторот да каже“,пишува Весна Ничевска по повод изложбата.
Изложбата ќе биде отворена до 30 ноември.