Влијателниот претставник на британската андерграунд хаус музичка сцена Yousef и техно-хаус диџејот Mr.C се новите имиња кои вечерва ќе настапат во Охрид, на „Green Beach Festival“, објави организаторот откако вчера беше откажан настапот на светски познатиот диџеј Danny Tenaglia, поради семејна трагедија. Свој сет на фестивалот ќе имаат и Sabb, Zoki Bejbe и Никифор.
Влијателниот диџеј и музички продуцент Yousef со години е дел од британската андерграунд хаус музичка сцена. Предводејќи ги едни од најпознатите клубски журки во Европа, славните „Circus“, за кратко време стана значајно име на хаус жанрот, познат по настапите во најголемите и најлудите ноќни клубови ширум светот. Нови звуци, нов развој и поместување на нови граници – сето тоа остануваат клучен дел од неговиот имиџ како еден од водечките андерграунд имиња на хаус музиката.
Вториот артист пак, Британецот Mr.C повозрасните го препознаваат како фронтмен на британската поп група The Shamen од раните ’90 -ти. Денес Mr.C сепак повеќе е познат како хаус и техно диџеј, продуцент и резидент диџеј на бројни клубови низ светот.
Поради неочекуваната промена на програмата, продажбата на влезниците беше стопирана, а влезот на фестивалот во утре до полноќ ќе биде бесплатен за сите посетители. Од полноќ пак влезниците што ќе се продаваат на билетарата на фестивалот ќе чинат 200 денари, објавија организаторите.