Со изложбата yugo.logo, проект на младиот графички дизајнер Огнен Ранковиќ, Europe House Битола ќе ја започне септемвриската културна програма.
На 4 септември, автентичната изложба на графички симболи која брои 460 дела, ќе биде отворена за јавноста.
Авторот вели дека кој вели дека симболите кои ќе ги видиме се создадени пред повеќе од половина век, но стандардите по кои се креирани, концептот и естетиката ги прават безвременски.
„Изложбата ќе ја отвори професорот Костадин Танчев – Динка, кој во својот богат и разновиден творечки опус создава и многу графички симболи кои и ден денес се препознатливи и функционираат во нашата земја. Грбот на Битола е еден од нив“, велат од Europe House Битола.
Оттаму дополнуваат дека проектот yugo.logo има за цел да ги истражи, дигитализира и архивира овие знаци со цел да му послужат како инспирација на новите генерации, истовремено и да им се даде почит на пионерите на дизајнот на овие простори.
Графичкиот знак нема оригинал, материјал и големина. Секој еден е оригинал и се изработуваат од секакви материјали и во секакви големини. Знакот е потпис, па затоа авторот не го потпишува. Конструкцијата на знакот е негова графичност со која се овозможува тираж (умножување, зголемување, смалување). Знакот е збиена приказна, понекогаш и неколку различни приказни, кои се сведуваат на еден краток збор. Зборот се претвора во слика која ја читаме со еден поглед: побрзо ја гледаме и запомнуваме отколку што ја разбираме. Знакот е поубавиот дел од приказната. Секој знак е една нова љубов, а за љубовта се сонува и се размислува на јаве, сè се меша и затоа не се знае како настанува знакот. Знакот е лесна мака.
Милош Ќириќ – извадок од книгата „Графичка идентификација“, Белград, 1981 година.