Од 17 до 21 јуни ќе се одржи втора сесија од екстерното тестирање за околу 15.000 ученици, кои не беа тестирани првиот пат, информираа од Министерството за образование и наука.
Новиот министер за образование и наука, Спиро Ристовски, вчера истакна дека е задоволен од начинот на кој се одвиваше екстерното тестирање и дека сите отстапки биле во границите на предвиденото.
“Целта на екстерното тестирање е постигната. Процентот на отстапки од планираното е релативно мал, што ни дава за право да го оквалификуваме процесот како успешен. Очекувам дека од следната учебна година овој процес ќе стане рутински во сите училишта и за сите засегнати страни“, оцени министерот Ристовски.
Со тестирање кое е најавено како проект кој треба да оцени колку наставниците се објективни во вреднувањето на знаењата на учениците, беа опфатени 193.176 ученици а првите резултати ќе бидат објавени на 14 јуни.
Деновите пред да започне, голем број ученици протестираа против екстерното оценување во Струга, Струмица, Прилеп, Тетово, Кавадарци, Скопје и другите градови. За време на екстерното тестирање, повеќе родители и ученици се жалеа дека се одвива со многу проблеми, како немање доволно компјутери за сите ученици, или недоволна техничка подготвеност во училиштата. Екстерното оценување во неколку училишта низ земјата воопшто не се одржа.