Во 120 основни училишта за 5.800 третоодделенци во земјава денес започна првото главно тестирање во рамките на државното тестирање за мајчин јазик и математитка што го спроведува Државниот испитен центар.
Според најавите, тестирањето треба да обезбеди објективни податоци за стандардите на постигањата на учениците за наставни подрачја и наставни предмети од особена важност во текот на основното образование.
Моделот опфаќа 79 училишта на македонски и 41 училиште на албански наставен јазик, во кои бидат тестирани 4.200 ученици по мајчин јазик и 1.600 ученици по математика.
„Наша цел е со користење стандардизирани процедури и инструменти да измериме колку успешно нашиот образовен систем им овозможува на учениците да ги совладаат стандардите на државата по предметите за кои се врши тестирање. За да го направиме тоа, потребни ни се податоците за знаењата што учениците ги стекнале во текот на целата учебна 2021/2022 година“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири при денешната посета на ОУ „26 јули“ во Шуто Оризари кој додаде дека оваа учебна година започна етапното воведување на реформите на основното образование со цел да се обезбеди образовна еднаквост меѓу сите ученици.
Од Државниот испитен центар ги охрабруваат сите лица кои се поврзани со испитувањето да го прифатат истото како личен влог за подобрување на образовниот систем.
„Посебно е важно да се истакне дека не е потребно, ниту препорачливо какво било дополнително оптоварување на учениците со посебна подготовка за тестирањето затоа што главна цел на државното тестирање е да се добијат објективни податоци за знаењата на учениците стекнати во текот на целата учебна 2021/2022 година“, рече директорката на Центарот, Елизабета Наумовска.