Подолго време во Обединетото Кралство се организираат помали и локални студентски протести за подобрување на високото образование, а денес во Лондон се случува централниот Студентски штрајк, на кој присуствуваат студенти од цела територија на ОК.
Британските студенти денес протестираат против неолибералните политики во образованието. Тие маршираат за зголемување на студентскиот стандард, за целосно финансирање на високото образование, деколонизација на знаењето и подобрување на работничките права на професорите и вработените во Универзитетите, за класна, расна и родова еднаквост во академската заедница, како и за поголема инклузија на лицата со попреченост.
Радио МОФ разговараше со Сара Миленовска и Вајолет Фокс, постдипломки на Лондонската школа за економија и политички науки (ЛСЕ), за тоа зошто се одлучиле на штрајк, кои се целите и на кој начин е организирано студентското движење.
Фокс вели дека Штрајкот е поради зголемената цена на животот, но особено на образованието.
„Мислам дека е важно студентите да се вклучат без оглед на струката во која се насочени, бидејќи образованието го гледам како последната граница на неолибералното освојување. Ако сакаме да видиме како текот на човечката историја продолжува кон напредок и просперитет, тогаш образованието мора да биде достапно за сите, а професорите мора да се третираат со почит поради нивната професија со која целат кон подобрување на човештвото и истражување на непознатото“, истакнува таа.
Миленковска објаснува дека по маршот британските студенти ќе учествуваат на отворени предавања, работилници и средби на кои ќе се разговара за осмислување на нов образовен систем, како и споделување на добри пракси од различни студентски движења низ светот кои се покажале како ефективни.
Во моментов, Студентскиот штрајк во Обединетото Кралство го сочинуваат две паралелни движења, кои меѓусебно се поддржуваат. Првото движење е Штрајкот на Унијата на професори (UNISON), тие протестираат пет години наназад, а преку протестот успеваат да одржат „статус-кво“ – да не им скратат од платите и пензиите. Второто движење е Унијата на колеџите и универзитетите (UCU), во чии рамки протестираат студентите барајќи повисок студентски стандард и подобро образование.
„Професорите протестираат бидејќи сакаат да им скратат 25 отсто од пензиите, што значи дека тие нема да може да си дозволат да живеат во градот кај што предавале. Протестот е поддржан од поголемиот број на професори, но има некои што предаваат финансии, кои паралелно работат други работи и тие ѝ помагаат на конзервативната Влада да донесе вакви закони што значат уништување на социјалната заштита на работниците. Бидејќи не е само за професорите, туку овде станува збор за удар на работничките права и бенефициите при вработувањето“, вели Миленковска.
Но и покрај ова, во понеделникот, на 28 февруари, британските власти решија да продолжат со кратењето на финансиите за професорите.
„Нашите професори не сакаа да протестираат, па почнаа да работат само според работните часови, бидејќи претходно секогаш беа достапни за студентите, бидејќи го сакаат тоа што го работат, а сега работат толку колку што им плаќаат, па враќаат подоцна на мејлови, не се цело време достапни. Ги држат предавањата и тоа е тоа“, вели таа.
Bella ciao – протест против неолиберални политики
Миленковска раскажува дека минатата недела во рамки на Штрајкот се одржувале отворени предавања пред кампусот на Универзитетот, без влегување во зградите кои се во сопственост на ЛСЕ.
Професорите и студентите седеле пред библиотеката и ги информирале студентите да не ја поминуваат линијата што означува објект на факултетот со цел да се покаже дека студентите ги поддржуваат професорите.
„Многу беше интересна динамиката помеѓу мене и Индијците што правевме врева и професорите кои велеа ‘дојдете на наша страна ќе ви покажеме’, па влегов во дијалог со една од нив, ја прашав како е можно да е толку мирна, на што ми одговори: ‘Сара, работам со студенти 25 години, морам да сум трпелива’“, низ смеа кажува таа.
Миленковска забележува дека на овие протести се случиле отворени предавања и излагања со одлични поенти.
„Идејата не беше само да направиме граница и да не влезат студентите во просториите на Универзитетот и да покажат поддршка пред корпорацијата ЛСЕ, туку да се зборува за теми како ‘Деколонизирање на знаењето‘, ‘Користење на феминистички методи при педагогија‘. Имаше и професорка со многу добро излагање од Ангела Дејвис до Ема Голдман и сите значајни фигури по тоа прашање. Еден ден се организиравме, пеевме синдикални и работнички песни и химни. ‘Bella ciao’ ја пеевме секој на сопствениот јазик и имаше поетско читање“, се потсетува таа.
Студентско организирање
Миленковска посочува дека студентските унии во Обединетото Кралство се тела кои се самофинансираат, а во нив има вработено студенти. Оттаму, Студентската унија за денешниот Штрајк испланирала организиран превоз за сите студенти кои сакаат да присуствуваат на Штрајкот – се борат за поголема пристапност, па така и настаните треба да се попристапни.
Останатите студенти кои не можат да присуствуваат, дополнува таа, се заштитени од нивната студентска унија за денес да не посетуваат настава – многу е важно правото на протестирање да биде заштитено од Унијата на факултетот кои го посетуваат, инаку можат да добијат минус, посочува Миленковска.
„Унијата работи на повеќе полиња, за подобрување на студентскиот стандард, дури има изработено и мапи за студентите да истражат дали плаќаат поголема или помала кирија во населбите каде што се сместени, а и за тоа колку киријата на определени места е зголемена во последниве неколку години. Таму каде што јас живеам киријата е зголемена за 16 отсто во изминативе три години. 16 отсто е многу за некој што е на стипендија тука“, вели таа.
Истовремено, таа споделува дека Студентската унија константно прави истражувања за студентските состојби па според резултатите бара насоки за подобрување на образовниот систем. Миленковска објаснува дека Унијата работи во повеќе различни сектори и интерсекциски успева да докаже дека постојат различни нивоа на нееднаквост и дека мора образовниот систем подобро да се осмисли преку притисокот на студентите.
Дополнително, Унијата работи и на подобрување на условите за студирање на странските студенти, како што е и самата таа.
„Тие се борат и за целосно финансирање на високото образование бидејќи цените за студирање во Велика Британија се екстремно високи и истите се двојно повисоки за интернационални студенти. Некој од Велика Британија ќе плати 10 илјади фунти, јас ако сама си плаќав ќе требаше да платам 23 илјади фунти за да студирам. Така што на нив идејата им е да се воведе оваа политика, бидејќи некогаш универзитетите во Велика Британија биле финансирани од државата, само кога стануваат неолиберални корпорации наместо факултети се случуваат вакви работи“, вели Миленковска.
За разлика од Националната унија на студенти, Миленковска забележува дека Студентската унија при ЛСЕ е слична на поранешниот македонски студентски парламент.
„Не ги известуваат студентите директно за протестот, туку си пишуваат поддршки на личните „Твитер“ профили, а на студентите им праќаат мејлови за неповрзани настани што не нè интересираат. Во меѓувреме не праќаат мејлови: ‘ова се причините зошто протестираат професорите’ или ‘ова се причините зошто протестираат студентите, ајде заедно да излеземе на марш’“, вели таа.
Нови згради наместо подобри услови
Во однос на тоа како Универзитетите и властите одговараат на Штрајкот и барањата на студентите и професорите, Миленковска вели дека за сево ова институциите не одговараат директно.
„Им дозволуваат на професорите да протестираат, но тоа се должи на големата сила на синдикатите кои се борат за работничките права. Важно е да се знае дека професорите не се платени за време на нивниот протест. Со овие ‘заштедени’ средства, Универзитетите планираат да градат нови зданија, наместо да ги зголемат платите, градат нов капитал за да му покажат на светот ‘еј видете елитново школо што изгради, што направи’, а не преземаат ништо против родовиот јаз во платите, родовата еднаквост кај професорите“, посочува таа.
За ситуацијата со британските универзитети важно е да се каже дека станува збор за државни универзитети кои станале приватни, па сега во Велика Британија поголемиот број од универзитетите се приватни, нагласува Миленковска.
„Ова се одлуки на Владата во соработка со бордови за економија не само Борис Џонсон крив за ова, проблем се политиките што ги носи Владата со години наназад, не се поврзани со социјална заштита. Овде има многу повеќе институции кои што работат и кои донесуваат лоши предлози за закони, а политиките им се основани на нечија експертиза. Дури имаат најмено експерти за да им каже дека падот на пензиите на професорите ќе биде добро за целата економија во моментов бидејќи има криза од пандемијата“, вели таа.
Во меѓувреме, дополнува Миленковска, наративот во скоро сите говори на професорите е дека се против неолибералните политики, против капиталистичкото гледање на високото образование, против инструментализирање на сите идеи во разни материјални и финансиски цели.
„Бидејќи додека постојат различни јазови на нееднаквост, администрацијата решава да гради згради, односно покажуваш дека имаш пари да ги решиш нееднаквостите, а решаваш да ги вложиш во градење згради“, вели таа.
За крај, зборувајќи за условите во кои работат вработените во „елитните високообразовни институции“, Миленковска ја посочува како што вели, една голема „неолиберална иронија“, каде во изминатите години студенти на ЛСЕ морале да извршат притисок за подобрување на условите на хигиеничарките во факултетот.
„Многу е иронично кога во најскапиот, најелитен факултет, луѓето кои работат на пониските функции да бидат од разни малцинства, да бидат ужасно третирани и да се многу малку платени. Тука доаѓаат светски лидери да учат за сиромаштија, а буквално во самиот факултет има екстремни нивоа на нееднаквост“, заклучува таа.
И Универзитетското студентско собрание при УКИМ застана во солидарност со колегите и колешките од ОК за нивната платформа #NewVisionForEducation, истакнувајќи дека студентските маки, потешкотии и студентската борба се исти насекаде.
Ивана Смилевска