Егзит е првиот поголем фестивал во светот кој овозможи купување на билет со биткоин, соопштија организаторите.
Фестивалот годинава е најавен да се одржува од 8 до 11 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, прославувајќи 20 години постоење.
Се очекуваат големи светски имиња, како Дејвид Гета, диџеј Снајк, Тајга, Асаф Авидан, Ерик Прајдс, Соломон и други.
Од фестивалот сметаат дека треба да се прилагодат на новите технологии и да ги прифатат за да ги задоволат потребите на нивната публика.
„Потенцијалот на ‘блокчејнот’, дигиталната размена и валутата се возбудливи и сакавме да се осигураме дека сме фестивалски предводници во секторот, дека користиме нови технологии и дека сме во состојба да бидеме во тек со нашата технолошки писмена публика и развојот на технологијата”, изјави директорот и основач на фестивалот Егзит, Душан Ковачевиќ.
Но, имајќи предвид дека плаќањето со биткоин не е регулирано со законите на Србија, нема да може да се плаќа во барови и други продажни места во рамките на фестивалот, туку исклучиво за онлајн купување на ВИП билети преку меѓународниот партнер на Егзит, Нетпозитив, објави фестивалот.
Плаќањето функционира на тој начин што граѓаните плаќаат со биткоин, а меѓународниот партнер на Егзит, Нетпозитив, подоцна го исплаќа фестивалот во класични валути, според српскиот закон.