Средствата за борба против климатските промени мора да се зголемат на 5 трилиони долари годишно до 2030 година, наведоа денеска научници, предупредувајќи дека трансформацијата на економијата е премногу бавна за да ги исполни меѓународните цели за ограничување на порастот на температурата, пренесува „Индекс“.
Од транспортот, преку земјоделството до изворите на електрична енергија, постигнат е премал напредок за да се ограничи порастот на температурата на 1.5 целзиусови степени во однос на прединдустрискиот период и на тој начин да се ограничат најлошите ефекти од климатските промени, според студијата на пет еколошки тинк-тенкови.
Ниту еден од 40-те оценети индикатори не е во согласност со целите на Парискиот договор за климата, кој предвидува намалување на просечниот пораст на температурата под 2 целзиусови степени, а идеално 1.5 целзиусов степен во однос на прединдустрискиот период.
Во студијата се наведува дека 25 индикатори не се на задоволително ниво, вклучувајќи ја и употребата на помалку јаглен за производство на електрична енергија.