По повод Меѓународниот ден на човековите права, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се одржа тркалезна маса на тема „Еколошките човекови права и еколошката правда – промоција, заштита и унапредување“.
Настанот послужи како платформа за обединување на различни перспективи и експертизи со цел да се создаде посилна основа за заштита и унапредување на еколошките права и правда во земјата.
Ана Чернишова, заменичката на Постојаниот претставник на УНДП рече дека „Размислуваме за трансформативната моќ на човековите права во обликувањето на праведен свет. Човековите права не се само идеали или концепти запишани во документи – тие се практични алатки, а денес ги гледаме како практична алатка за еколошка правда“.
Таа се осврна и на истражувањето спроведено од УНДП кое покажува дека само 1,2% од граѓаните се обиделе да го остварат човековото право на здрава животна средина преку правни постапки, а само 16,7% се свесни за тоа што значи еколошката правда.
„Но со активности како оваа денес се постигнува напредок и се надеваме дека се повеќе ќе се работи на оваа тема“, посочи таа.
Сашо Георгиевски, деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, ја потенцираше важноста на едукацијата.
„Едукацијата во областа на еколошкото право е од суштинско значење за подготовка на генерации кои ќе можат активно да се борат за заштита на животната средина и човековите права. Интегрирањето на еколошките теми во наставните програми не само што го подига нивото на знаење, туку и ја зајакнува свеста за примената на правото како средство за промовирање на правда и одржливост“, рече тој.
Мирјана Лазарова Трајковска, судијка во Врховниот суд на Македонија, се осврна на начелниот став на Врховниот суд.
„Согласно националната и меѓународна правна регулатива, државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како фундаментално право на граѓаните. Со непреземањето соодветни дејствија, надлежните органи го повредуваат уставно загарантираното право на здрава животна средина“, забележа таа.
Кирил Ристовски, претседател на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, ја истакна загриженоста за спроведувањето на законите.
„Иако Македонија располага со солидна законска рамка за заштита на животната средина, реализацијата е далеку од задоволителна. Во 2023 година, од 29.506 предмети за познати сторители, само 224 се однесувале на кривични дела против животната средина. Народниот правобранител постапувал по само 21 претставка поврзана со животната средина, а Државната комисија за спречување на корупција нема реализирано ниту еден случај на корупција во оваа област. Ова се алармантни податоци кои бараат итни мерки“, нагласи тој.
Настанот заврши со дискусија, а на самиот крај беа донесени заклучоци и препораки кои се во насока на воспоставување и поттикнување постојана соработка помеѓу факултетите и универзитетите од Македонија и земјите од регионот. Исто така, заедничките иницијативи, размената на искуства и организирањето на меѓународни академски форуми и конференции – треба да придонесат за унапредување на научно-истражувачката дејност и заедничкиот пристап кон еколошката правда.
Покрај ова, се нагласи потребата од унапредување на квалитетот на наставните програми преку усогласување со глобалните и европските трендови, притоа внумавајќи темите поврзани со еколошкото право да бидат интегрирани на начин кој ги одразува најновите правни, научни и етички прашања од оваа област.
Во таа смисла, академските институции треба да поттикнат интердисциплинарна соработка за создавање на сеопфатни решенија за еколошките предизвици преку интеграција на различни дисциплини, вклучувајќи право, екологија, економија и социологија.
Настанот беше организиран во рамките на проектот „Интеграција на еколошката правда во високото образование“, кој го спроведува Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, во партнерство со факултетот и со финансиска поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) преку Глобалната програма на УНДП за зајакнување на владеењето на правото, човековите права, правдата и безбедноста за одржлив мир и развој.