Со 31 глас „за“ и само 1 „против“, студентката Ева Цветковска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ е избрана за нова претседателка на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Таа беше единствениот кандидат што се пријавила за оваа позиција, со која оваа академска година ќе ги застапува интересите на студентите од сите факултети на УКИМ.
„За да направиме промена, мора активно да се бориме со апатијата која владее. Историјата ни кажува дека студентите се револуција. Време е да сфатиме колкава моќ имаме и да ја искористиме во борбата за подобро студентско утро“, гласи нејзината порака до студентите на УКИМ.
Мотивација за да го направи овој чекор било тоа што ова е последна шанса за нејзе да се избори за студентите и да биде на нивна страна. Годинава таа ги завршува своите магистерски студии, но во студентскиот активизам е вклучена уште од порано. Била дел и во Студентската организација при Правниот факултет.
Во разговор за Радио МОФ, Цветковска вели дека нејзини приоритети ќе биде целосна дигитализација на административното работење на факултетите и спроведувањето на наставата. Покрај ова, ќе се залага за намалување на дополнителните трошоци за студирање и унифицирање на трошоците на ниво на УКИМ.
„Моментално на еден факултет уверение е 500 денари, на друг е 300, на трет 700 денари“, забележа таа.
Дополнително, најави и проект за воспоставување бесплатни психолошки служби за секој студент.
„Би имало постојано вработени психолози и психотерапевт на УКИМ, кои би биле достапни за студентите цело време“, појасни таа.
Во нејзината кандитатура се наведуваат и активности за воспоставување студентски сервиси, студентски културен центар, реновирање на читални и дворови, како и финансиска поддршка на научно-истражувачка дејност.
Во однос на комуникацијата со универзитетската управа, Цветковска вели дека ќе има поразличен пристап од нејзиниот претхдодник.
„Мислам дека може да ги решиме со заеднички разговор, подипломатски, посмирено. Да видиме кои ни се понудените решенија и конструктивно да настапиме кон проблемот затоа што ако одиме вака со глава во ѕид, и двете страни, никој ништо нема да добие на крај. Студентите колку што зависат од ректорот и од управата, толку и тие зависат од нас. Сметам дека оваа година комуникацијата ќе биде помирна“, рече таа.
Според новата претседателка на УСС при УКИМ ќе треба време студентите да се запознаат со неа и студентското тело.
„Тоа што според мене е најважно е дека не може да се случи журка на којашто ние ќе се запознаеме. Првото УСС постоеше само еден месец откако почна коронавирусот и мислам дека студентите не успеаја доволно да се запознаат со работата, затоа што се што гледаат се само некои објави на Фејсбук“, заклучи таа.
„Се надевам дека оваа година ќе олабави коронавирусот, да може да организираме некоја журка каде ќе може да се запознаеме“, посака Цветковска.
За неа Универзитетското студентско собрание е колективно тело, каде таа има подеднаков глас како и останатите 44 негови членови. Меѓудругото, во иднина најави дека ќе се залага за негова финансиска автономија.
Емилија Петреска